Во бугарскиот дел на Црно Море тоне сомалиски товарен брод

Објавено:

Бугарија денеска примила повик за помош од товарен брод кој тоне во нејзината ексклузивна економска зона во Црното Море, соопшти бугарското Министерство за транспорт.

На бродот, кој пловел под сомалиско знаме, имало 12 членови на екипажот, а превезувал три тони пченица од Романија кон Египет. Локацијата на членовите на екипажот засега не е позната, соопшти министерството.

Причината за несреќата засега не е утврдена, но таа се случува во период на зголемени тензии во Црното Море, каде што во изминатите недели се регистрирани бројни напади со беспилотни летала врз бродови во близина на бреговите на Бугарија и Романија.

Експертите ги поврзуваат овие напади со војната меѓу Русија и Украина.

Романскиот премиер Лука Никулеску во неделата изјави дека беспилотни летала нападнале три трговски брода во Црно Море, во близина на романскиот канал Сулина.

Тој додаде дека романските одбранбени сили во два наврата подигнале борбени авиони.

Романскиот министер за надворешни работи Дан Некулаеску денеска во Брисел изјави дека Романија ќе побара од партнерите во Европската Унија продолжување на обезбедувањето воени капацитети, како и зајакнување на координацијата со НАТО по нападите врз трговските бродови.

„Во последните 24 часа регистриравме четири предупредувања за беспилотни летала, а во текот на викендот беа погодени три брода. Тоа е неприфатливо“, изјави Некулаеску при пристигнувањето на редовниот месечен состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.