Српското Собрание денеска го добива новиот состав, во кој Српската напредна партија за првпат по 14 години ќе биде во опозиција.
На дневниот ред на конститутивната седница се шест точки, меѓу кои потврдување на пратеничките мандати и избор на претседател и потпретседатели на парламентот.
Според конечните резултати од предвремените парламентарни избори одржани на 25 октомври, Студентската листа „Студентите победуваат“ освои 140 мандати, додека листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ доби 103 мандати. Во парламентот ќе влезат и седум пратеници од малцинските листи.
На седницата до изборот на нов претседател на Собранието ќе претседава најстариот пратеник Стојан Раденовиќ. Досегашната претседателка Ана Брнабиќ ја свика седницата согласно со Деловникот за работа на парламентот.
Покрај потврдувањето на мандатите и изборот на претседател и потпретседатели, на дневен ред се и именување генерален секретар, избор на членови на собраниските работни тела и на постојаните парламентарни делегации во меѓународните институции.
На консултациите одржани во петокот, претставниците на парламентарните листи не постигнаа договор за бројот на потпретседателските места и за претседателите на работните тела.
Носителот на листата „Обединета Србија“, Александар Вучиќ, соопшти дека е избран за шеф на пратеничката група и дека таа ќе го предложи Стојан Раденовиќ за претседател на Собранието.
По конституирањето на парламентот почнува да тече рокот од 90 дена за формирање нова Влада на Србија.


