Проширувањето служи за зајакнување на Европа како геополитички актер, економска сила отпорна на предизвици и сила за мир. Кредибилната политика на проширување ја прави Европа побезбедна. Нè прави поконкурентни. Нè прави поотпорни. Им дава надеж на луѓето, а на бизнисите им нуди нови можности, порача претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во неговиот говор на Форумот за проширување на ЕУ што се одржува во Брисел.
„Но, проширувањето не се однесува само на зајакнување на ЕУ. Станува збор и за исполнување на стремежите на милиони Европејци кои избрале демократија, слобода и соработка. Овие напори, како и тешките реформи што тие ги спроведуваат, ја заслужуваат нашата солидарност и политичка посветеност“, рече Кошта.
Процесот на пристапување, нагласи тој, мора да остане праведен, доследен и заснован на заслуги, додека ЕУ се подготвува да пречека нови членки – со амбиција и одговорност.
„Пристапувањето не се сведува само на усогласување на законодавството и институциите. Тоа подразбира и градење доверба, решавање на споровите по дипломатски пат и со добра волја, како и создавање иднина во која соработката ќе ги замени недовербата и поделбите. Амбицијата за пристапување кон ЕУ мора да помогне во надминувањето на историските недоразбирања, отфрлањето на националистичката реторика и поттикнувањето на земјите кон вистинска соработка“, потенцираше Кошта.
Според него, придобивките од проширувањето не треба да започнат дури на денот на пристапување туку уште во самиот процес, нагласи, „ги приближуваме земјите кандидатки до ЕУ преку постепена интеграција што носи видливи придобивки за сите“.
Неодамна претставениот пакет за проширување од страна на Европската Комисија, посочи Кошта, јасно покажува дека постои исчекор односно позитивен бран и неговото губење би ги изневерило очекувањата на граѓаните.
„Кредибилитетот на овој процес и ветувањето што тој го носи за граѓаните мора да останат наши водечки принципи. Длабоко сум убеден дека иднината на Украина, Молдавија и на сите земји од Западен Балкан е во рамките на Европската Унија“, заклучи Кошта.
Форумот за проширување на ЕУ, на тема „Поширока Европа – Посилна Европа“, денес во Брисел ги собра највисоките функционери на Унијата, земјите-членки и земјите-кандидатки, како и претставници на меѓународни организации, финансиски институции и граѓанското општество.
Македонската делегација ја предводи премиерот Христијан Мицкоски, кој потенцирал дека проширувањето на ЕУ мора да се темели на заслуги, исполнети реформи и конкретни резултати.
„За жал, наместо да се вреднува нашиот реформски напредок, Македонија и понатаму се соочува со условувања поврзани со уставни измени кои задираат во идентитетски прашања. И покрај оваа пречка, остануваме конструктивни, активни и посветени на изнаоѓање решенија, затоа што европската перспектива на Македонија мора да биде јасна, предвидлива и заснована на европските принципи и критериуми“, порачува Мицкоски во објава на социјалните мрежи за неговото учество на Форумот.
Според неговата објава, во говорот тој потенцирал и оти државата е силно фокусирана на спроведување на Реформската агенда, модернизација на институциите, како и оти е целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.
Македонските евроинтеграции се блокирани поради неисполнување на условот од страна на официјално Скопје кој беше прифатен со францускиот предлог за преговарачката рамка за земјава – вметнување на бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.
По ветото од Бугарија и постигнувањето на договор околу преговарачката рамка, Северна Македонија во јули 2022 ја одржа првата меѓувладина конференција од преговорите со ЕУ. За да ја затвори фазата на отворање преговори и да почне да отвора кластери односно поглавја, треба да ги направи уставните измени – услов кој го потенцира и Европската комисија во своите годишни извештаи.


