Кошта: Уставните измени се клучот за отворање на преговорите со ЕУ

Објавено:

Усвојувањето на уставните измени останува единствениот начин за формално почнување на пристапните преговори и отклучување на целосните придобивки од членството во ЕУ за Македонците, јасно порача првиот човек на Европскиот совет, Антонио Кошта кој престојува во официјална посета на Скопје.

„Проширувањето е наша заедничка цел, а иднината на Македонија цврсто припаѓа во ЕУ. Но, она што е договорено е договорено и тоа мора да се испорача. И ништо повеќе од тоа. Тоа значи дека она што е договорено во 2022 година треба да го испорачате“, рече Кошта на прес-конференцијата по средбата со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.

Високиот претставник од Брисел го поздрави неодамнешниот напредок во спроведувањето на реформската агенда, особено во делот на владеење на правото и јавната адмнинистрација и порача дека Европската унија останува насигурниот политички и финансиски партнер на Македонија и Западен Балкан.

„Остануваме посветени да ве поддржуваме и финансиски и политички, но моќта да ја обликувате вашата иднина е во ваши раце. Единствениот начин за постигнување напредок кон ЕУ е преку преку конструктивен дијалог со соседите, прагматични чекори за градење доверба и спроведување на неопходните реформи“, порача Кошта.

Премиерот Мицкоски средбата со Кошта ја оцени како отворена, искрена и суштинска. Рече дека верува во партнерски дијалог и искрен разговор но и дека и достоинството и идентитетот не треба да се пречка за европската перспектива, туку нејзин составен дел.

„Цврсто сме определени кон европскиот пат, не барамне привилегии и олеснети правила, бараме принципи и нормален кредибилен и предвидлив процес во кој исполнетите обврски и трудот ќе бидат вистински вреднувани. По години чекање и чести промени на политичкиот конктекст граѓаните чувствуваат поголема неизвесност, наместо предвидлива извесност. И токму затоа потребно е лидерство, јасност и доверба“, изјави Мицкоски.

Европскиот претставник повтори дека пристапниот процес се заснова на заслуги и се дефинира со Копшенхашките критериуми кои точно ја наведуваат одлуката за преговарање за секоја земја кандидат.

„Рамката со Северна Македонија е веќе договорена и таа останува таква, ништо повеќе и ништо помалку“, заклучи претседателот на Европскиот совет.

Инаку Кошта, ја реализира петдневната турнеја низ земјите од Западен Балкан во услови на засилени геополитички предизвици. Во Скопје тој допатува од Тирана, а посетата ја почна вчера од Сараево.

Утре, тој ќе ја посети Приштина, а в четврток Белград. Турнејата ќе ја заокружи со посета во Црна Гора.

На 5 јуни Кошта ќе биде копретседавач на самитот ЕУ – Западен Балкан, чија главна тема е „Заедничкиот просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“.

Неговите посети на Сараево, Тирана, Скопје, Белград и Подгорица, е пред сѐ порака дека Европската Унија сака да го задржи фокусот врз Западен Балкан, но според експертите мали се очекувањата дека посетата во Скопје ќе донесе некакво суштинско поместување во однос на македонските евроинтеграции, особено во насока на промена на веќе договорената преговарачка рамка.

Она што е познато е дека пораките што доаѓаат од високите претставници на Брисел во континуитет се дека Македонија треба да ги исполни преземените обврски, кои покрај реформите во неколку клучни области, ги вклучуваат и уставните измени кои произлегуваат од договорениот европски пакет од 2022 година.

Актуелната влада е на став дека нема да се впушти во процес на донесување на уставните измени со кои се бара внесување на бугарското малцинство во Уставот, се додека не се добијат гаранции дека нема да има нови билатерални условувања од бугарска страна.

Опозициската СДСМ ја оценува посетата на Кошта како важна за евроинтегративниот процес и очекува пораки поврзани со продолжување на пристапувањето кон ЕУ. Од оваа партија деновиве апелираа Владата да распише референдум и граѓаните сами да одлучат за иднината на државата и европскиот пат. Според партијата, прашањето за ЕУ е доволно важно за директно изјаснување на граѓаните.

Последен пат Кошта беше во Скопје на 15 мај 2025 година. Тогаш јасно порача дека тоа што е договорено во 2022 година, треба да се исполни, алудирајќи на обврската за уставни изменисо која Бугарите треба да се вметнат во македонскиот Устав. Од нас бараше да не бараме план Б, туку да не го потценуваме планот А и да се фокусираме на исполнување на обврските преземени со него.

Северна Македонија има статус на кандидат од 2005 година. Таа заедно со Албанија, во јули 2022 ја одржа Прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втората и за отворање на кластерите во рамки на преговорите со ЕУ, треба да ги направи уставните измени со кои ќе ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.

Покрај уставните измени, ЕУ бара и реформи во владеењето на правото, борбата против корупцијата и функционирањето на институциите.

Расположението на македонските граѓани за влез во Европската Унија и натаму е претежно позитивно, иако поддршката е пониска отколку пред една деценија и е проследена со скептицизам околу процесот. Последната анкета на Евробарометар покажа дека околу 69 проценти од македонските граѓани ЕУ ја поврзуваат со подобар животен стандард, слободно движење и економски можности.