За време на авијациската манифестација „Недела на летање во Атина“ во воената база Танагра, се случи авионска несреќа во која загинаа двајца пилоти на грчките воздухопловни сили. Авионот од типот F-4E Phantom II, кој им припаѓал на ескадрилата 338, изгубил висина во 14:55 часот и се урнал во обработливо земјиште во близина на базата, пред очите на присутната публика.
При падот, дел од леталото удрил во близок индустриски објект, што предизвикало пожар кој брзо се проширил на околното шумско и земјоделско земјиште. Според првичните и неофицијални информации, пилотите — водач на ескадрила и капетан — не го активирале системот за катапултирање, најверојатно во обид да го насочат леталото подалеку од гледачите и од населените места. Спасувачките екипи ги пронашле двајцата пилоти во несвесна состојба, по што брзо била потврдена нивната смрт.
На терен веднаш била организирана обемна противпожарна акција во која учествувале 115 пожарникари со 38 возила, поддржани од воздух со девет авиони и четири хеликоптери, додека сообраќајот во областа бил привремено ограничен. По повод трагедијата, грчкиот министер за одбрана Никос Дендиас прогласи тридневна жалост во вооружените сили, а воздухопловството веќе формираше специјална комисија за истрага на причините за несреќата.


