Што се смени со новите правила за боледување?

Објавено:

Пет дена боледување без дополнителни критериуми. Ова е главната промена во Правилникот на Фондот за здравствено осигурување што неодамна предизвика реакции кај граѓаните. Но, дали тоа значи дека ќе мора да се вратите на работа, откако ќе поминат петте дена? Во видеото подолу погледнете што се смени за лекарите и за пациентите, во процедурата за давање и добивање боледување.

Петте дена не значат крај на боледувањето

Граѓани реагираа дека боледувањето се скратува од седум на пет дена.

Но, не е така. Според Фондот, матичниот лекар и натаму може да утврди боледување до 15 дена.

Со новите правила, по петтиот ден се применуваат дополнителни медицински критериуми за конкретната дијагноза.

Ако постои медицинска потреба, боледувањето може да продолжи, а за период подолг од 15 дена одлучува лекарската комисија – како што беше и досега.

Помалку администрација

Со измените на Правилникот, за некои од дијагнозите нема да бидат потребни дополнителни лабораториски испитувања. К

Кај хроничните заболувања ќе може да се користат важечките наоди.

Тешко болните, неподвижните пациенти и лицата сместени во болница ќе можат да добијат боледување без лично присуство, за случаите кои се предвидени во Правилникот.

Посебен пристап за одредени пациенти

Правилата предвидуваат посебни решенија за одредени тешки заболувања, како и олеснувања за бремените жени и доилките во конкретни ситуации.

Новина е што предлогот за продолжување на боледувањето пред лекарска комисија ќе се доставува електронски.

Засилени контроли

Фондот најавува засилени контроли, вклучително и можност за контрола кај осигуреникот за време на боледувањето.

Но, тоа не значи автоматски дека секој пациент мора цел ден да биде дома. Важно е да се почитуваат медицинските препораки и конкретните правила што важат за неговата состојба.

Што треба да запамтите?

Дека петтиот ден не значи автоматски крај на боледувањето. Матичниот лекар и понатаму ја проценува здравствената состојба, а продолжувањето зависи од медицинските критериуми.

За конкретните услови и потребната документација, проверете кај вашиот матичен лекар или во Фондот за здравствено осигурување.