ВМРО-ДПМНЕ предлага закон со кој договорите на дело во институциите ќе преминат во редовни вработувања

Објавено:

Лицата кои се ангажирани со договор на дело или други видови договори на определено време во јавни институции ќе добијат можност да се вработат на неопределено време, предвидува предлог-законот што денеска на прес-конференција во Собранието го образложи Бојан Стојаноски, пратеник на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, предлог-законот ќе опфати околу 5.000 вработени на кои ќе им биде трансформиран работниот однос од определено на неопределено време.

„Денеска исправаме една децениска неправда. Решаваме проблем кој со години беше премолчуван, одложуван и префрлан од една институција на друга. Проблем зад кој не стојат само договори, документи и административни процедури, туку човечки судбини, семејства и луѓе кои со години живеат во неизвесност за својата иднина“, рече Стојаноски.

Станува збор за лица кои работат со договор на дело, со авторски договор, преку агенции за привремени вработувања или други форми на договорен ангажман.

Правото на трансформација ќе се однесува на лицата кои имаат важечки договор на денот на влегувањето во сила на законот и чиј договор останува важечки во моментот на трансформацијата.

Институциите ќе имаат обврска во рок од 90 дена од стапувањето во сила на законот да ги склучат договорите, односно да ги донесат решенијата за вработување. Трансформацијата ќе се реализира фазно, при што за најмногу 50 проценти од опфатените лица договорите или решенијата ќе стапат во сила веднаш со нивното потпишување, а за преостанатите најдоцна до 31 декември 2027 година, најави Стојаноски.

Од опфатот на предложениот закон се изземени акционерските друштва, воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата при Министерството за одбрана, основните и средните училишта, ученичките и студентските домови, високообразовните и научните установи и повеќе безбедносни институции.