Повеќе граѓански организации и медиумски здруженија во Србија поднесоа до Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) иницијатива за одземање на лиценцата за емитување на ТВ Информер, објави Независното здружение на новинари на Србија (НУНС).
Иницијативата следува ден по синоќешниот упад во просториите на телевизијата и дневниот весник „Информер“, кој со години се посочува како еден од главните сојузници на поранешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ. Демонстранти упаднаа во зградата за време на програма во живо, барајќи одговорност за уредувачката политика.
„Иницијативата е одговор на повеќегодишното и систематско кршење на законите и програмските обврски што РЕМ досега не ги санкционираше“, соопшти Независното здружение на новинари на Србија.
Студентската листа реагираше на насилниот упад, велејќи дека не поддржува упади во институциите и медиумите, ниту пак повикува на нив.
„Ќе ги ослободиме медиумите во Парламентот, преку институционална борба за слобода и професионално новинарство“, се вели во соопштението на Студентската листа
Иницијатори да се одземе лиценцата на ТВ Информер се Фондацијата „Славко Ќурувија“ и уште 32 медиумски здруженија, граѓански организации, професори и истражувачи од универзитетите во Белград, Нови Сад и Ниш.
„ТВ „Информер“ континуирано ги крши медиумските прописи, професионалните стандарди, Уставот и ратификуваните меѓународни договори. Од своето основање, овој таблоид се профилираше како пропаганден инструмент на Српската напредна партија и е прв во однос на кршењето на етичките правила на професијата, ширењето дезинформации, говорот на омраза и во започнувањето валкани кампањи против дисиденти, независни новинари, активисти и членови на опозицијата. Иако минатата година беа поднесени 38 жалби против ТВ ‘Информер‘, не беа преземени никакви мерки“, се вели во соопштението на Фондацијата.
Во исто време, студентите во блокада преку отворено писмо побараа оставки од раководството и главните уредници на Радио-телевизија Србија. Директорката на Радио телевизија Србија – РТС, Мања Грчиќ, за време на разговор со претставници на двата признати синдикати во оваа медиумска куќа, изјавила дека нема да поднесе оставка, пренесе српскиот портал „Нова“.
Студентската листа победи на предвремените парламентарни избори во Србија на 25 октомври и го собори Вучиќ по 14 години негова власт во Србија. Реформирањето на медиумската сцена во Србија и ослободувањето на јавниот сервис од политичка контрола се дел од предизборната програма на Студентската листа.


