Финскиот претседател Александер Стуб и норвешкиот премиер Јонас Гар Стере денеска телефонски разговарале со рускиот претседател Владимир Путин, а потоа и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Разговорот со Путин бил посветен на претстојните средби во Абу Даби, соопштија од кабинетот на финскиот претседател.
Зеленски во петокот откри дека преговарачите на Украина, Русија и САД договориле средби на техничко ниво на почетокот на ноември во главниот град на Обединетите Арапски Емирати.
Западноевропските лидери главно избегнуваа контакти со Путин откако Кремљ во февруари 2022 година ја започна целосната инвазија врз Украина.
Стуб во соопштението изјави дека разговорот со Путин бил искрен и содржаен.
„Ние сме соседни земји на Русија. Исходот од оваа војна ќе има директно влијание врз нашата и пошироката европска безбедност. За завршување на војната се потребни директни разговори“, се наведува во соопштението.
Советник на Зеленски во група со новинари на апликацијата WhatsApp изјави дека украинскиот претседател потоа разговарал со Стуб и Стере.
Нордиските лидери разговарале со Москва и Киев како претставници на своите земји, а не во име на Европа во целина, нагласиле тие.
Стуб и Стере минатата недела се сретнаа во Осло со специјалниот американски пратеник Стив Виткоф и Зеленски, еден ден пред Виткоф да се сретне со Путин во Санкт Петербург.
По разговорот меѓу Путин и Виткоф, Кремљ соопшти дека Русија е подготвена во ноември да ги обнови мировните преговори со Украина со посредство на САД, за првпат од февруари.


