Движење без лидер, без партија и без ниту еден студент на сопствената листа, на 25 октомври ја собори власта што владееше со Србија повеќе од една деценија. Студентската листа освои над 52% од гласовите и апсолутно мнозинство во парламентот, а притоа ја победи и власта и опозицијата, резултат што ретко се гледа во современата парламентарна политика. Но, прашањето веќе не е како го победија Александар Вучиќ. Прашањето е дали можат да владеат.
Организацискиот модел што им беше најголема предност во отпорот, одлучување без лидер, без единствен центар на моќ, може да стане нивна најголема слабост кога ќе треба да владеат.
Политичка организација во која нема кого да обезглавите
Студентите се организираа преку пленуми, без класична хиерархија и без лидер кому би можеле да му се припишат сите одлуки. Така значително го отежнаа персонализирањето на нападите и негативните кампањи. Ако еден претставник биде дискредитиран или се повлече, организацијата продолжува да функционира.
Пленумите не се српски изум. Ги имавме и во Македонија во 2014 година. Новината е што во Србија овој модел успеа да ја претвори протестната енергија во парламентарно мнозинство. Таму се постигна нешто што класичниот политички маркетинг тешко го постигнува, изградија доверба во пораката без таа да зависи од еден човек. Наместо билборди и телевизиски настапи, користеа социјални мрежи за брзо ширење на содржината и непосреден контакт за реална мобилизација, пешачеа низ Србија, возеа велосипеди, одеа од село до село, разговараа со луѓе надвор од вообичаената протестна публика. Наместо граѓаните постојано да ги повикуваат на митинзи, тие самите одеа кај граѓаните.
Студентите продаваа нешто што традиционалниот маркетинг тешко го произведува по нарачка, а тоа е автентичност и предноста што не мораа постојано да го бранат сопственото политичко минато. Но автентичноста е потрошлив политички капитал. Штом нивните кандидати почнат да носат одлуки за буџет, плати и даноци, граѓаните ќе престанат да ги оценуваат според намери и ќе почнат според резултати. Затоа директната комуникација мора да продолжи и по изборите, но претворена во јавни консултации и отчетност, не во нова партиска мрежа за мобилизирање лојални гласачи.
Според набљудувањето на ЦРТА, кампањата на листата предводена од Вучиќ имала трипати поголем број регистрирани теренски активности од студентите, но и двете кампањи опфатиле приближно 80% од општините и градовите во Србија. Бројот на активности очигледно не е исто што и политичкото влијание.
Студентите го создадоа легитимитетот. Други ќе ја практикуваат власта.
Можеби најголемата противречност е во самиот изборен резултат, каде победи листа создадена од студенти, на која нема ниту еден актуелен студент. Пратеничките места ќе ги заземат професори, лекари, економисти и уметници, бидејќи граѓаните гласаа за нив, но значаен дел од политичката доверба беше насочен кон студентите.
Оттука и раздвојувањето меѓу политичкиот авторитет што го создаде движењето и законската одговорност што ќе ја имаат избраните функционери. Што ќе се случи кога пратеник од Студентската листа ќе процени дека одлука е неопходна, а пленумите ќе бидат против? Пратениците добиваат мандат од граѓаните преку изборите, а не од факултетите, но од друга страна не можат ни веднаш да го заборават движењето што им ја овозможило победата.
Но, постои и спротивен ризик. Овие пратеници не се политички анонимуси кои својата кариера ја должат на партиска хиерархија и нема да бидат гласачки тастери. Ако притисокот стане преголем, дел од нив би можеле да се издвојат, да формираат нови пратенички групи или да почнат да гласаат независно од мнозинството. Со прелиминарно освоени 140 мандати, губењето на поддршката од само 15 пратеници би значело губење на апсолутното мнозинство од 126 гласа. Тоа не подразбира автоматски пад на владата, но може сериозно да ја загрози нејзината способност да носи одлуки.
Парадоксално, организацијата што создаде толку силно политичко единство во опозиција може да се соочи со фрагментација токму по победата.
Кој ќе ги наследи студентите?
Постои и една навидум банална, но суштинска дилема. Студентскиот статус има рок на траење. Денешните претставници во пленумите утре ќе дипломираат. Кој ќе ги наследи? Новите генерации студенти? Кој ќе ги избира и со каков легитимитет ќе влијаат врз власта избрана пред нивното вклучување во движењето?
Ако одлучувањето остане во рацете на истите луѓе и по дипломирањето, организацијата ризикува да создаде неформална политичка елита. Ако автоматски се пренесува на новите студенти, избраната власт ќе зависи од луѓе кои не учествувале во создавањето на нејзиниот мандат.
Веројатно, најодржливо и редундантно институционално решение е формирање нова политичка партија, изградена врз студентското движење и неговите вредности: правна држава, борба против корупцијата, меритократија и градење на патосот и етосот врз вредностите од студентската кампања и протести.
Партија што ќе има демократски избор на раководство, ограничени мандати, транспарентни финансии и отворен простор за нови луѓе. Пленумите би можеле да останат независен коректив и механизам за јавна контрола, а не паралелен центар на извршната власт.
Секако, тоа носи и ризик, дел од студентите се организираа токму затоа што не сакаа да бидат партија. Затоа создавањето трајна политичка организација би барало нова, отворена одлука за нејзините правила и идентитет. Целта не би била движењето да стане уште една традиционална партија, туку да покаже дека и политичката партија може да биде иновирана и поинаку организирана.
Едно е да си против власта, друго е да бидеш власт
Досега, студентите имаа една голема обединувачка цел и заеднички противник. Но кога ќе започнат одлуките за буџетот, Косово, ЕУ, Русија, Кина или за непопуларни економски реформи, ќе се појават разлики што не можат да се решат само со заедничкиот став против корупцијата.
Експертското знаење е неопходно, но не е замена за политички договор. Дури и најдобрите експерти може да имаат спротивставени ставови за тоа што е добро за државата. Овде започнува вистинската политика, изборот меѓу повеќе можни решенија, од кои секое има добитници, губитници и цена. Спроведувањето на програмските позиции ќе бара усогласување на различни интереси, институционален капацитет и политички компромиси. Особено важен ќе биде изборот на премиерот и составот на владата, каде експертското знаење само по себе не гарантира политичка успешност; добар економист не мора да биде добар министер.
Новиот политички проект ќе мора јасно да одреди кој има право да го формулира економскиот и надворешнополитичкиот курс, како се разрешуваат несогласувањата и кој одговара за резултатите. Јавно дефинирана реформска програма, со конкретни институционални цели и рокови, проследена со редовна парламентарна и јавна контрола, би направиле рамка во која ќе може двата субјекта заеднички да делуваат. Во спротивно, движењето ризикува да потроши голем дел од политичкиот капитал во обиди секоја внатрешна разлика да ја претвори во консензус.
Македонија и синдромот на „чекачките партии“
Победата во Србија носи порака што би требало особено внимателно да ја прочитаат традиционалните опозициски партии во Македонија. Постои еден политички модел што би го нарекол „чекачка партија“, организација што повеќе енергија вложува во очекувањето власта да се истроши отколку во сопствена политичка, кадровска и програмска обнова, во верба дека незадоволството порано или подоцна природно ќе се претвори во гласови за опозицијата. Потоа партијата само треба да го преземе управувањето.
СДСМ, покажува сериозни симптоми на ваков политички пристап. Проблемот не е само во изборните резултати или во поединечните партиски функционери, туку тој е во опасноста една организација да почне да го смета своето политичко минато за доволна референца за иднината. Промената на раководството не е исто што и промена на политичкиот модел. Тука е потребно да се промени начинот на кој влегуваат новите луѓе, како се избираат кандидатите, кој има право да предлага нови политики и дали партијата воопшто е подготвена да слушне идеи што не потекнуваат од нејзината постојна хиерархија.
Во такви околности, младите и авангардните луѓе немаат причина својата енергија да ја вложуваат во организација во која прво мора да ја заслужат довербата на старата структура, а дури потоа да добијат можност нешто да променат.
Српските студенти победија затоа што успеаја да создадат доверба таму каде што традиционалните политички структури ја имаа потрошено. Но нивниот најважен историски испит допрва започнува.
Лесно е да се изгради движење против системот. Многу потешко е да се изгради систем што нема да произведе потреба од ново такво движење. Но и Рим не е изграден за еден ден, студентите во Србија заслужија шанса и поддршка во целиот процес.


