Америка на почетокот на XX век е сè уште рурална држава, каде просечен земјоделец на својата фарма има неколку коњи, десетина работници и живее од обработувањето на земјата. Еден ден соседот купува трактор. Одеднаш, работата за која ви биле потребни десет луѓе може да ја завршат двајца, за пократко време.
За сопственикот на фармата тоа е можност за поголема заработка. За осумтемина работници што останале без работа, во исто време е економска катастрофа. Ни ковачот што ги потковувал коњите, а ни другите сервисни еснафи веројатно не биле воодушевени од новиот пронајдок. Но, еден век подоцна, американското земјоделство произведува далеку повеќе храна со многу помал удел од работната сила. Во 1900 година околу 41% од американските работници работеле во земјоделството, додека до 2000 година тој број е околу 2%. Механизацијата помогнала да се промени структурата на економијата, но тоа било мала утеха за луѓето што морале одново да го градат својот живот.
Деструкцијата доаѓа прва
Тракторот не ги укинал сите работни места. Тој само помогнал да се промени структурата на целата економија. Се развиле нови индустрии, нови услуги и нови професии. Меѓутоа, тоа не значи дека секој отпуштен земјоделски работник веднаш добил подобро платена работа во градот. Токму во таа противречност се крие суштината на креативната деструкција.
Австрискиот економист, Јозеф Шумпетер во 1942 година ја разработил токму ваквата економска појава на нови технолошки скокови и ја нарекол „креативна деструкција“: новите технологии и деловни модели ги потиснуваат старите компании и професии, а истовремено отвораат простор за ново производство, нови услуги и раст.
Клучно е да се разбере дека создавањето нова економска вредност и нејзината распределба се две различни работи. Една револуција може да ја зголеми вкупната продуктивност, а истовремено да ги намали приходите на одредени работници, региони или индустрии. Новото богатство не мора да се создаде на истото место каде што старото било изгубено. Технолошките скокови создаваат страв и отпор, а понекогаш и длабоки општествени потреси. Во екот на индустриската револуција во Велика Британија кога се појавиле првите машини за шиење, одеднаш илјадници луѓе останале без работа. Па се случувало истите работници да ги палат фабриките во кои до вчера работеле, а машините за шиење ги нарекувале ѓаволски направи.
Денес тракторот се вика вештачка интелигенција (ВИ). Овојпат машината не влегува само во фабриката, туку и во банката, канцеларијата, инженерското биро и софтверската компанија. ММФ проценува дека речиси 40% од работните места во светот се изложени на влијанието на ВИ. Тоа не значи дека толку работни места ќе исчезнат: кај дел од нив технологијата ќе ја зголеми продуктивноста, а кај други ќе ја намали потребата од одредени задачи и вештини. Историјата ни укажува дека технолошкиот скок може да создаде огромно богатство, но не и дека сите земји и сите граѓани автоматски ќе имаат корист од него. Каде е тука Македонија во приказнава?
За извоз на алгоритам не ви треба пристаниште
Македонија е мала економија, без излез на море и со ограничен домашен пазар. Кај традиционалната индустрија тоа носи трошоци и ограничувања. Но, за да извеземе софтвер во Германија, не ни треба камион што ќе чека на граница.
Имаме почетна основа: според МАСИТ, домашниот ИКТ-сектор во 2025 година остварил 1,77 милијарди евра приходи и 676 милиони евра извоз. Во однос на 2020 година, извозот пораснал за 193%. Во комбинација со инженерското знаење, тоа отвора можност за индустриски софтвер, автоматизација и ВИ решенија со поголема додадена вредност. Истовремено, ВИ може да го промени и постојниот модел на продажба на програмерски часови. Но, ајде прво да видиме каде реално беше регионот, а каде е сега.
Каде бевме и колку ни побегнаа?
БДП по жител според ПКМ (паритет на куповната моќ) е показател што мери колкава економска вредност доаѓа по жител, но приспособена за разликите во цените меѓу земјите. Поедноставно кажано: не гледа само колку пари има некој на хартија, туку и колку реално може да купи со тие пари. Затоа овој показател е покорисен за споредба на животниот стандард и економската дистанца меѓу земјите.

Четирите пресечни точки го покажуваат она што често го избегнуваме да го кажеме директно: Македонија не заостанува само апсолутно, туку и релативно. Во 1990 и 2000 јазот со Бугарија беше помал, а Албанија беше значително зад нас. До 2025 Албанија практично нè одминува, Бугарија ни бега многу повеќе, а Хрватска веќе е во сосема повисока економска категорија.
Политиката има изборен календар. Технологијата нема.
Кога производството се менува, први реагираат работниците, сопствениците на погодените бизниси и локалните заедници. Губењето на работното место е проблем денес, а новата индустрија можеби ќе донесе придобивки по пет или десет години. Политичката власт, пак, одлучува под притисок за следните избори.
Тука се судираат две временски логики: краткорочната потреба да се зачуваат приходите и социјалната стабилност и долгорочната можност за нова економска структура. Заштитата на погодените работници, преквалификацијата и инвестициите во нови вештини имаат трошок. Но, трошок има и одложувањето на одлуките. Ниту брзината сама по себе е гаранција за успех, ниту зачувувањето на постојната состојба е бесплатно.
Во вакви периоди улогата на институциите се мери и со тоа дали можат да планираат подалеку од еден изборен циклус: со јасни правила, предвидливи рокови и јавна пресметка на добивките и ризиците. Политичката власт треба и мора да гледа подалеку од мнозинството граѓани и не може секогаш популистички да се водат по линијата на помал отпор, т.е. добивање (или не губење) на политички поени за следните избори.
Нас никој нè не чека
Ние честопати низ историјата сме биле на ‚‚или-или“ одлуки, па дури и едно од националните креда ни е: Смрт или слобода. Овој пат историјата поново ни сервира слична ситуација, но за среќа не е од егзистенцијална природа, туку е голема можност, која или ќе ја препознаеме и ќе делуваме или ќе останеме на маргините на новата технолошка индустрија.
Растот на ВИ отвора побарувачка за дата-центри, телекомуникациски мрежи и инженерски услуги. Македонија може да го испита својот потенцијал како регионална локација за дел од оваа инфраструктура и, поважно, како место каде домашните компании развиваат и извезуваат производи врз неа.
Сепак една од побитните работи е државата да објасни на општеството каква е оваа технологија, да ги едуцира дека не троши ресурси во таа мера како што се прикажува и дека е клучно да се позиционираме кон таа технологија и да ја искористиме за сопствен економски развој и прогрес. Исто така, покрај едукативната улога, државата треба да се вклучи во развој и на енергетската и дигиталната инфраструктура, сигурноста на снабдувањето, заштитата на податоците, даночните приходи и бројот и квалитетот на новите работни места. Високо образовните установи да се фокусираат на развој на апликација и практичноста на знаењата, заедно со нагласување на образование во претприемаштвото. Денес со ВИ може да бидеш високо технолошка фирма со неколку луѓе и лиценцни за ВИ платформи, па она што беше претходно капитално интензивна индустрија, каде еден програмер во Македонија чинеше од 50.000 евра годишно, сега е сведено да една лиценца од ВИ, менува неколку такви програмери. Европската комисија во извештајот за 2025 година бележи напредок во македонското дигитално законодавство, но и потреба од натамошно усогласување и посилен институционален капацитет.
Пред еден век тракторот ја промени економијата без да го праша ковачот дали е подготвен. Денес новиот трактор нема ни тркала. И, за разлика од стариот, може да стигне во Македонија без да застане на ниту една граница.


