Премиерот Христијан Мицкоски денеска во врска предавањето на посмртните останки што се идентификуваат со Цар Самоил, од Грција во Бугарија, се осврна на Бледскиот договор, посочувајќи на историскиот контекст по капитулацијата на Бугарија во Втората светска војна и на пренесувањето на моштите на Гоце Делчев во Скопје.
Одговарајќи на новинарско прашање како го коментира прашањето за преносот на посмртните останки и дали ваквиот потег може да има одредени импликации во односите на Македонија со Грција и со Бугарија, Мицкоски рече дека прашањето треба да се гледа низ призма на Бледскиот договор.
„Јас тоа го коментирам во насока на Бледскиот договор којшто е постигнат веднаш после капитулацијата на фашистичка Бугарија, којашто ја има, би рекол, окупирано за време на Втората светска војна територијата на денешна Македонија. Некој тоа го вика „администрирање“ од политичарите, за среќа што се поранешни политичари, односно поранешни политичари на функции, значи сè уште активни во опозицијата преку совети на раководствата во опозицијата, си имаат свои кукли таму и си ги раководат“, изјави Мицкоски.
Во однос на посмртните останки истакна дека тој би се вратил неколку децении назназад кога во Скопје беа донесени останките на македонскиот великан Гоце Делчев.
„Што се однесува до пренесувањето на моштите, јас би се вратил назад неколку децении кога моштите на македонскиот великан Делчев, како резултат на тој Бледски договор, се донесени во Скопје. И тоа е нешто што треба нас како Македонци да нè прави горди, затоа што моштите на тој великан, којшто бил во свое време пред времето, симболизираат многу за македонскиот идентитет“, нагласи премиерот и изрази жалење што, според него, малкумина денеска го споменуваат Бледскиот договор и она што било договорено со него.
Останките на средновековниот владетел Цар Самоил ѝ беа предадени на Бугарија, денеска (3.10.2026) на церемонија во Музејот на византиската култура во Солун. На церемонијата присуствуваа бугарскиот премиер Румен Радев и неговиот грчки колега Киријакос Мицотакис, во чие присуство, министрите за култура на Грција и на Бугарија потпишаа протокол за предавање на посмртните останки. За возврат, Бугарија ѝ предава на Грција 48 предмети – првенствено црковни артефакти од неколку манастири во Егејска Македонија, денешна северна Грција – кои, како што беше кажано, „биле спасени од бугарски научници за време на Првата светска војна, кога овие територии, населени со Бугари, биле под власта на цар Фердинанд Први“.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ја истакна важноста на враќањето на црковните артефакти во Грција, вклучително и еден епископски престол, нагласувајќи дека историските и верските реликвии не треба да бидат предмет на запленување за време на војна.


