Останките на средновековниот владетел Цар Самоил ѝ беа предадени на Бугарија, денеска (3.10.2026) на церемонија во Музејот на византиската култура во Солун. На церемонијата присуствуваа бугарскиот премиер Румен Радев и неговиот грчки колега Киријакос Мицотакис, во чие присуство, министрите за култура на Грција и на Бугарија потпишаа протокол за предавање на посмртните останки. За возврат, Бугарија ѝ предава на Грција 48 предмети – првенствено црковни артефакти од неколку манастири во Егејска Македонија, денешна северна Грција – кои, како што беше кажано, „биле спасени од бугарски научници за време на Првата светска војна, кога овие територии, населени со Бугари, биле под власта на цар Фердинанд Први“.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ја истакна важноста на враќањето на црковните артефакти во Грција, вклучително и еден епископски престол, нагласувајќи дека историските и верските реликвии не треба да бидат предмет на запленување за време на војна.
„Беше потребно време за да се надминат предизвиците од минатото. Нашата соработка сега започнува. Ова е прва фаза кон враќањето на други реликвии од Бугарија“, рече Мицотакис.
Румен Радев изјави дека за него претставува огромна чест што се наоѓа во музејот во Солун.
„Стремежот на бугарската држава да ги врати посмртните останки датира уште од 60-тите години на минатиот век, кога тие беа откриени во црквата „Свети Ахил“. Задоволство ми е што денес ја исполнуваме желбата на нивниот откривач, професорот Муцопулос, тие да бидат вратени. Би сакал да му се заблагодарам на Мицотакис за постигнувањето на овој договор – историски за двете наши земји – како и за вашето политичко лидерство“, изјави бугарскиот премиер.

Со воена флотила до Софија
Останките беа качени во воен транспортен авион „Спартан“, кој во бугарскиот воздушен простор беше придружуван од два пара борбени авиони МиГ-29 и Ф-16.
Петте авиони, точно на пладне, прелетаа над плоштадот „Кнез Александар Први“ и слетаа на софискиот аеродром „Васил Левски“, а од таму, повторно назад до плоштадот „Кнез Александар Први“, посмртните останки ги однесоа војници од бугарската армија.
Дали е потврдено дека останките се на цар Самоил?
Враќањето на посмртните останки, според бугарскиот историчар Наум Кајчев, кој е член на Заедничката историска и образовна комисија меѓу Македонија и Бугарија, е „резултат на долг процес и тешки преговори, кои под водство на сегашната влада на Бугарија се постигнати конкретни договори со Грција“.
Бугарија не направи каталог и студија за артефактите што ѝ се дадени од Грција, а дел од бугарските експерти посочија дека не е потврдено дека останките се на цар Самоил.
„Немаше ДНК анализа на посмртните останки што ќе бидат вратени во Бугарија за да се потврди дали се на цар Самуил. Она што го знаеме е дека цар Самуил и неговото семејство се погребани на островот Свети Ахил“, изјави професорот Милко Палангурски од Трновскиот Универзитет во Бугарија, за бугарската Нова ТВ.
Според него, операцијата за враќање на останките од владетелот не била добро подготвена, и дека „враќањето на коските е прашање на голема дипломатија“.
„Пандорината кутија е отворена. Проблемот овде не е што враќаме, туку што нема список и никој не знае колку и што е тоа“, истакна Палангурски и додава дека „не е проблем дека останки се враќаат, туку дека нема список што се враќа“.

Грчки „Катимерини“ во одбрана на автентичноста
Враќањето на останките идентификувани дека му припаѓаат на цар Самоил го претставува грчкиот весник „Катимерини“ не само како резултат на билатерален договор меѓу Бугарија и Грција, туку како прашање со јасно изразена научна димензија. Во статија објавена денес, публикацијата се фокусира на реакциите во Бугарија против идентификацијата на останките и ги презентира научните аргументи со кои грчката страна го брани заклучокот дека тие му припаѓаат на средновековниот бугарски владетел.
„Катимерини“ забележува дека веста за претстојното пренесување на останките во Софија предизвика реакции кај „круговите во соседната земја“ кои ја оспоруваат нивната припадност на „култниот бугарски владетел“.
Објавувањето се повикува на извори запознаени со преговорите меѓу двете земји. Според нив, постојат докази што ја потврдуваат првичната идентификација на професорот Николаос Муцопулос, кој ги открил останките во 1965 година за време на ископувањата на базиликата Свети Ахил во Преспа.
Чиј цар е Самоил?
Цар Самоил, поточно дали тој е македонски или бугарски цар, беше предмет на разговори на Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовани прашања. Пред неколку години двете земји се договорија да го чествуваат заеднички, како дел од препораките за историските личности кои ги поврзуваат двете држави.
Комисијата договори и препораки за учебниците по историја во двете земји со цел да се усогласат соработката и перцепцијата за средновековниот владетел, чија држава е предмет на различни толкувања во современите историографии.
Комисијата до сега договори пет препораки за историски личност, а цар Самоил е еден од нив.
Во препораката за цар Самоил стои дека: “Цар Самоил е владетел на голема средновековна држава, којашто поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија. Тоа опфаќа значителен дел од земјите и населението на Балканскиот Полуостров. Цар Самоил и неговата драматична судбина се симбол на заедничката историја, којашто се споделува од двете современи држави Република Северна Македонија и Република Бугарија. Заедничката комисија им предлага на двете влади, во духот на потпишаниот двостран Договор, одбележувањето на цар Самоил да биде знак на споделени вредности и вистинско добрососедство и пријателство“.
Димовски: За Цар Самуил, бељата е дома, не треба да се лутиме на други
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ го поврзува сето ова со одредби од Преспанскиот договор и протоколите со Бугарија.
„За Цар Самуил, бељата е дома, не треба да се лутиме на други. Погубните договори ја наплаќаат цената“, напиша Димовски на Фејсбук.
Тој во објавата се повикува на Преспанскиот договор и ја издвојува одредбата според која двете страни прифаќаат дека термините „Македонија“ и „македонски“ се однесуваат на различен историски контекст и културно наследство. Тој го посочува и Протоколот од првиот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија од 10 јуни 2019 година, наведувајќи дека во него Цар Самуил е опишан како владетел на средновековна држава која „поголемиот дел од современата историска наука ја смета за бугарско царство со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија“.
„Со првиот документ, со Преспанскиот договор, ние сме се откажале од било какво наследство од територијата на егејска Македонија“, вели Димовски, додавајќи дека поради тоа Македонија, според него, нема формален начин да се спротивстави или да реагира на одлуки поврзани со посмртните останки на Цар Самуил.
Тој оценува дека и „трансферот на посмртните остатоци и именувањето на Цар Самуил на неговиот нов надгробен споменик“ имаат, како што наведува, „формална верификација и потврда од македонска страна“.


