Сериозна превенција на родово базираното насилство, одговорност од надлежните институции и истраги и судски постапки без политички влијанија. Тоа беа барањата на Каја Шукова, претседателка на Форумот на жени на СДСМ, на мирниот протест одржан вечерва пред СВР Охрид, а организиран по физичкиот напад врз Сара Ѓорѓиеска, јави МИА.
Сара беше претепана од нејзиниот партнер Кристијан Корабоски, кој вечерта меѓу 14 и 15 ноември физички ја нападнал девојката која изгубила свест, а потоа ја исфрлил од автомобилот пред маркет во Охрид. Протестот го организира Форумот на жени на СДСМ, додека семејството на девојката апелираше да не се протестира, бидејќи сега сака единствено институциите да си ја завршат работата а нивната ќерка да добие мир.
Шукова во име на насобраните, но и како што рече, во име на сите жртви на слични насилства, кажа дека насилството врз жените и фемицидите се сериозен општествен проблем, но дека проблемот не завршува со самиот чин на насилство, туку продолжува и во постапките што следуваат во текот на истрагата и судењето, каде, како што рече, се покажуваат сериозни системски недостатоци.
„Бараме да има сериозна превенција за да се спречат нови облици на насилство и нови фемициди. Бараме одговорност и да нема политички влијанија во процесот на истрага и судење. Бараме секоја жртва да биде заштитена. На секое јавување на жртва на семејно насилство, институциите веднаш да реагираат“, рече Шукова.
Според неа, борбата против семејното насилство треба да ги обедини сите граѓани, без разлика на политичка, верска или која било друга припадност.
„Ова е тема што нè засега сите. Сите сме нечии ќерки, сестри, мајки, баби. Семејното насилство не препознава род и затоа сите треба да бидеме заедно, и мажите и жените, во борбата против ова зло на денешницата, за да не се повторуваат вакви немили настани“, рече Шукова и повика на заедничко кревање на гласот против насилството.
Претходно, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, рече дека протестот во Охрид не е за политички поени, туку за да „се мобилизира граѓанството, да се искаже гневот кој што реално го имаат поради непостапување на институциите“.
„Јас ги повикувам сите да се вклучат, да не го гледаат овој протест како политички протест на СДСМ, а најмалку како желба моја лична партиска да добиеме некои политички поени. Не, не, ова е само силен сигнал дека луѓето се свесни, дека добри ги следат ситуациите, дека знаат што се случува и дека треба да се реагира. За жал, на овој начин за повеќе да нема вакви случаи“, рече Филипче.
Граѓанската иницијатива „Ниту една повеќе“ што се бори против насилството врз жените, фемицидот и сите форми на родово базирано насилство, во објава на Инстаграм упати порака со осуда на партиски упади и притисоци врз организацијата на протестите и изразите на граѓанско незадоволство.
„Секој обид женското движење и бунт да се инструментализираат од страна на која било партија и политички структури е недозволиво и е дел од проблемот“, соопшти иницијативата.
Оттаму посочуваат дека политичките партии и нивните женски ограноци имаат можност и механизми за системско решавање на проблемот со насилството врз жените, поради што треба да преземат одговорност за, како што наведоа, децениското непостапување.
„Улиците и протестите ни припаѓаат нам, граѓаните. Гневот нема да ни го земете“, порачуваа од „Ниту една повеќе“.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДС, Филипче и Левица го злоупотребуваат инцидентот со претепувањето на девојката во Охрид.
„Оваа случка беше недвосмислено осудена од сите фактори во државата. ВМРО-ДПМНЕ веднаш го осуди инцидентот и побара обвинителството да не помисли овој случај да биде заборавен. Повикот за протест е повик да се политизира целиот настан за да има крвави политички поени за Венко Филипче. А Филипче пет пари не дава ниту за повреденото девојче ниту за неговото семејство. Ако беше поинаку, тогаш СДС ќе се однесуваше достоинствено, а не како лешинар“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
По случајот со нападот врз младата девојка од Охрид голем број граѓани преку социјалните мрежи изразија вознемиреност и револт поради зачестените случаи на насилство во општеството повикувајќи на поголема институционална одговорност, ефикасна заштита на жртвите и решителни мерки за спречување на ваквите појави, особено и по неодамнешното убиство на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци од страна на нејзиниот партнер.


