Јас не можам да кажам дали има сигнали на поместување, но се разбира дека разговараме, разговараме и со највисоките претставници на Европската Унија. Ние сме спремни да разговараме и со соседот, но бараме извесност – рече претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска – Давкова, одговарајќи на новинарско прашање дали на дипломатски план има сигнали за позитивно поместување во дијалогот со Бугарија.
Бугарија бара Македонија да го смени Уставот и да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата на Уставот. Без да го исполни ова барање, Македонија не може да го продолжи патот кон членство во Европската Унија (ЕУ). Македонските власти,пак, бараат гаранции дека по евентуални уставни измени нема да има нови билатерални блокади и предлагаат разговори со вклучување на претставници на ЕУ.
„Се разбира дека ние не сме радикални во барањата. Ние само сакаме извесност. Ние само сакаме да не биде ова уште една измена заради измена по која ќе следува нова. Ние не сакаме да бидеме третирани поинаку од другите, едноставно сакаме да знаеме дека ако нешто мора под наводници да се направи, дека тоа нема да биде само едно од многуте други“, изјави Сиљановска – Давкова по денешната дебата во Собранието по повод 35 години од донесувањето на првиот Устав на државата.
За 32 години, во македонскиот Устав беа внесени 36 амандмани, што го прави рекордер по уставни измени. Во 15 случаи измените на Уставот биле иницирани однатре, а во 21 случај при промена на Уставот посредувала меѓународната заедница.
Северна Македонија има статус на кандидат за членка на ЕУ од 2005 година. Таа заедно со Албанија, во јули 2022 ја одржа Прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втората и за отворање на кластерите во рамки на преговорите со ЕУ, треба да ги направи уставните измени со кои ќе ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.
Пораките што доаѓаат од високите претставници на Брисел во континуитет се дека Македонија треба да ги исполни преземените обврски, кои покрај реформите во неколку клучни области, ги вклучуваат и уставните измени кои произлегуваат од договорениот европски пакет од 2022 година.
Позицијата на актуелната влада предводена од премиерот Христијан Мицкоски е дека Македонија нема да се впушти во процес на донесување на уставните измени со кои се бара внесување на бугарското малцинство во Уставот, се додека не се добијат гаранции дека нема да има нови билатерални условувања од бугарска страна.


