Агенцијата за национална безбедност (АНБ) разоткри иранска прокси мрежа инволвирана во планирање на терористички напад, соопшти директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, откривајќи детали од операцијата што траела околу девет до десет месеци.
„Од почетокот на 2026 година Агенцијата во соработка со грчката национална разузнавачка агенција и други партнерски служби, но и во координација со МВР-БЈБ на национално ниво преземаше активности за разоткривање на намери и планови на лица надоврзани на странски/ирански фактори, за извршување на терористички акти“, рече тој.
Во таа насока Агенцијата презела сет од оперативно-технички и аналитички активности со цел разоткривање на прокси мрежа од земјава, надоврзана на иранскиот државјанин Edris Jahangiri Mavaneh, издиференциран како лице поврзано со други прокси актери на иранските безбедносно-разузнавачки служби, вклучително и негова поврзаност со нарко босот Naji Sharifi Zindashti.
Во однос на македонската мрежа, станува збор за лица етаблирани во криминални структури во земјава, кои по директни насоки на иранскиот државјанин преземале подготвителни логистички активности за извршување на терористички атентат врз лице во Грција.
„Во координација и размена со странски партнерски служби беше разоткриен нивниот modus operandi, за одржување на конспиративни средби на територија на трети земји, вклучително и Иран, при што беа потврдени конекциите со иранскиот државјанин, кој е главен носител на планираната терористичка акција. Информациите укажуваат дека станува збор за лице кое има широка мрежа на прокси актери и контакти со лице од висок интерес за безбедносните служби, односно тој е соработник на иранските безбедносно-разузнавачки служби“, изјави Христовски.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, информираше дека во рамките на случајот на четири лица им е определен притвор, едно лице е во куќен притвор, додека шестото сè уште е недостапно за органите на прогонот.
Ваквите конекции, како и фактот дека изминатиот период повеќе земји се соочија со терористички закани и напади од страна на ирански прокси актери, е во корелација со обидите на иранските разузнавачки служби за нивно затскривање преку криминални прокси мрежи во трети земји, вклучително и Македонија, велат од АНБ.
Агенцијата, додаваат оттаму, во рамките на своите надлежности останува фокусирана кон зачувување на националната безбедност, за што ќе продолжи со активности за детектирање и спречување на евентуални терористички закани преку прокси елементи од Иран, како и разоткривање на други лица инволвирани во ирански прокси мрежи.


