Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека е неопходно итно преземање заеднички активности за справување со родово базираното насилство нагласувајќи дека досегашните законски измени и институционални мерки не дале доволни резултати.
Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе побара од претседателот на Собранието на дневен ред да се стави законско решение за заштита на жените од родово базирано насилство за кое опозицијата тврди дека од август стои во фиока, таа рече дека проблемот бара поширок општествен и институционален пристап.
- „Неопходно е прво да седнеме сите заедно, јас сум спремна тоа да го организирам. Значи, оние што ги менуваат законите, пратениците и пратеничките пред сè, невладиниот сектор, експертите, добредојдени се и малкуте жени во власта. Мислам дека итно треба да преземеме чекори и да се обидеме, многу тешко е, оти ова стана како епидемија“, изјави Сиљановска – Давкова по настанот во Собранието по повод 35-годишнината од осамостојувањето и донесувањето на првиот Устав на Република Македонија.
Таа посочи дека и покрај измените во Кривичниот законик, законите поврзани со Истанбулската конвенција и многуте средби меѓу институциите, невладиниот сектор и експертската јавност, насилството врз жените не се намалува.
- „Дури си велам да не треба самите да почнеме да се заштитуваме и што е, според мене, во моментот можеби најнеопходно?“, рече претседателката на државата.
Како што нагласи Сиљановска – Давкова, потребно е да се создаваат силни мрежи за поддршка на жените во сите институции, вклучително во судството, Министерството за внатрешни работи, центрите за социјална работа, парламентот, Владата и во граѓанскиот сектор.
- „Особено мислев дека по смртта на едно дете, ние ќе се освестиме, односно мажите ќе се освестат. Но затоа реков дека по многуте мерки што ги презедовме, се покажа дека не се доволни само нормативните решенија. Дека ние сè уште како да имаме трауматизирани мажи од патријархална политичка култура, дека има недоразбирање какво што е едно нелогично недоразбирање меѓу родители, меѓу луѓе во љубов. Тоа за мене е шокантно, да посакувате некого, за кого тврдите дека го сакате, го почитувате, дека треба физички да го повредите, дека треба со збор да го повредите. Не е проблемот само женски, мене ми е јасно, но се чини дека ние треба сега да се обидеме да преземеме активности, и тоа сите што ги наброивме, да седнеме, да ги преиспитаме, да си поставиме точно некои планови и секојдневно да бидеме активни. Јас не гледам друго решение“, рече Сиљановска – Давкова.
Последниот случај на родово-базирано насилство во Охрид силно ја вознемири јавноста. 31-годишниот охриѓанец Кристијан Корабоски вечерта помеѓу 14 и 15 ноември физички ја нападнал девојката Сара која изгубила свест. Тој ја исфрлил и од автомобилот на улица во Охрид.
Со обвинението тој се гони за три кривични дела: телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. Случајот предизвика дополнителен револт во јавност бидејќи Корабоски првично се гонеше само за тешка телесна повреда и беше пуштен на слобода со мерки за претпазливост.
Денеска му е определен 30-дневен притвор.
За случајот претходно јавно прозборе и мајката на претепаната Сара која во објава на Фејсбук изнесе сериозни обвинувања за случувањата пред и по нападот, наведувајќи дека осомничениот, додека девојката била во бессознание, мислел дека е мртва, барал инструкции од својот татко како да се ослободи од телото.
„Во моментот кога мојата ќерка била во бессознание, Кристијан, мислејќи дека таа е мртва, стапил во контакт со својот татко, барајќи помош како да се ослободи од нејзиното тело. Неговиот татко му давал насоки како да се ослободи од телото на мојата ќерка. Пред сето тоа, нејзиниот телефон бил намерно искршен, со што ѝ била одземена можноста да повика помош и да побара спас. „Собери ги сите познаници, да го прикриеме нештово и да се ослободиме од оваа, дали да ја фрлам во некоја провалија?“ Ова се зборови кои Сара ги слушнала во момент кога се наоѓала во крајно беспомошна состојба“, напиша мајката Ирена на Фејсбук.
Случајот во Охрид е уште едно во низата семејни насилства и насилства врз жени и девојки што ја потресуваат македонската јавност. Само до почетокот на 2026, регистрирани се и седум случаи на фемициди. Последниот беше во Богданци на 4 ноември кога 17-годишна девојка беше крвнички претепана, а потоа и запалена во автомобил од 21-годишно момче кое потоа изврши самоубиство.
На 8 ноември во Скопје се одржа и протест на кој стотици граѓани излегоа да го кренат гласот против насилството врз жените и девојките, но и да побараат одговорност од институциите.


