Уставните измени во оваа форма како што сега се бара нема да се случат, кажа премиерот Христијан Мицкоски во гостување во поткаст.
Тој говореше за измените во македонскиот Устав што ги бара Бугарија, а со кои Северна Македонија треба да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата на Уставот. Македонските власти сакаат гаранции дека по евентуални уставни измени ќе нема нови услови за евроинтеграциите на земјата.
Бугарија во 2020 година ѝ стави вето на Македонија за почеток на преговорите со Унијата.
„Да разговараме. Јас сум подготвен да разговарам со секого секаде. Јас не сум секундант за да ви кажам до кога. Додека е потребно за да се најде решение коешто ќе биде одржливо и коешто ќе нè однесе до крајната цел. А во меѓувреме ќе испорачуваме со реформската агенда, ќе правиме подобро општество, подобри услови за живот и така“, кажа Мицкоски.
Тој рече дека принципите треба да важат за сите бидејќи со истите нема играње.
„Вие рековте тоа што договорила македонската Влада со Брисел, но еве јас нема да навлегувам која Влада договорила и нема да навлегувам кој бил нашиот став тогаш и како сето тоа беше договорено. Нема да навлегувам, јавноста го знае, го слушнала итн. И ние сме свесни што договорила таа некоја претходна влада, но исто така во Бугарија некоја претходна влада договорила нешто коешто се вика почитување на човекови права. Сега од нас се бара по принципот, ние сме внатре вие сте надвор и вие сакате да дојдете внатре, да прифатиме тоа што е договорено, а од друга страна тоа што го прифатила некоја бугарска влада, во случајов почитување на човекови права, јасно е дека имаме дузина пресуди од Стразбур, од Судот за човекови права за македонската заедница во Бугарија, да се почитуваат нејзините човекови права, да се дозволи регистрирање на клубови на организации итн., тоа да не се почитува, а ние да го почитуваме. Тоа се вика булинг и тоа нема никаква врска со Копенхашките критериуми, ниту пак со вредностите на ЕУ дефинирани од Шуман, Дегаспери и Аденауер. Тоа е, ние сме внатре, вие сте надвор и ако сакате да бидете внатре вие тоа ќе го прифатите или нема да бидете внатре. Тоа е булинг и тоа е непринципиелна политика. Тоа е политика на двојни стандарди. Простете но јас не сум љубител на таков тип на политика“, кажа Мицкоски.
Тој рече дека целта на оваа Влада е да се биде дел од ЕУ, а не да се постигне некое времено решение кое би резултирало како сите претходни отстапки со кое се ветуваше дека ќе бидеме дел од ЕУ, но за жал се наоѓаме на истото место кај што бевме пред промената на уставното име.
„Кога ние ќе знаеме и кога ќе имаме на маса решение коешто ќе нè однесе да бидеме дел од ЕУ тогаш ние сме подготвени да разговараме. Ние не сме подготвени да разговараме за инстант времени решенија коишто го отпочнуваме овој процес бидејќи ние сме го заслужиле тоа уште пред 25 години. И ние сме го заслужиле тој процес да го отпочнеме многу одамна. Јас сум сведок кога ми велеа само да го смените името и веднаш потоа станувате дел од НАТО, ги почнувате преговорите и бидејќи сте најдобри во клубот за 4-5 години станувате членка на ЕУ. Тие 4-5 години поминаа пред 3 години, а ние сме уште на истото место кај што бевме пред да го смениме уставното име, а нема да зборувам дека сменивме и знаме, менувавме банкноти, Устав неколку пати. И секогаш беше онаа иста реторика, прозорецот е отворен, сега е моментумот, само уште ова направете го и завршено е. Како што гледате искуството не учи на потешкиот пат. Јас само се обидувам како прв човек во Владата да ги гледам работите малку појасно“, кажа Мицкоски.
Северна Македонија има статус на кандидат за членка на ЕУ од 2005 година. Таа заедно со Албанија, во јули 2022 ја одржа Прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втората и за отворање на кластерите во рамки на преговорите со ЕУ, треба да ги направи уставните измени со кои ќе ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.
Пораките што доаѓаат од високите претставници на Брисел во континуитет се дека Македонија треба да ги исполни преземените обврски, кои покрај реформите во неколку клучни области, ги вклучуваат и уставните измени кои произлегуваат од договорениот европски пакет од 2022 година.
Позицијата на актуелната влада е дека нема да се впушти во процес на донесување на уставните измени со кои се бара внесување на бугарското малцинство во Уставот, се додека не се добијат гаранции дека нема да има нови билатерални условувања од бугарска страна.



