Обвинителот Кравченко во текот на ноќта со службено возило заминал за Литванија, јавија украинските медиуми повикувајќи се на извори од полицијата.
Неговото заминување се случува во екот на отворен судир со украинските антикорупциски тела по големата истрага наречена „Картагина“.
Според медиумите, како причина за заминувањето е наведено службено патување во Литванија.
Инаку, Кравченко пред една недела поднесе оставка откако Националното антикорупциско биро на Украина (НАБУ) и Специјализираното антикорупциско обвинителство (САПО) ја почнаа операцијата „Картагина“, истрага за наводна криминална група внатре во Канцеларијата на главниот државен обвинител која, според истражителите, штитела мрежа од измамнички повикувачки центри.
Неговата оставка сè уште не е формално реализирана бидејќи за разрешување мора да одлучи украинскиот парламент.
Неколку часа пред заминувањето од земјата, Кравченко објавил дека потпишал известување за сомнение против директорот на НАБУ, Семен Кривонос, тврдејќи дека тој фалсификувал службени документи за да стекне посебно голема противправна корист и дека спровел фиктивно посвојување за да создаде основа за избегнување правна одговорност.
Кравченко објави и дека постои посебен случај против лице блиско до шефот на САПО, Олександар Клименко, кое се сомничи за обид за нудење мито на судии од Високиот антикорупциски суд и помагање во избегнувањето мобилизација.
НАБУ и САПО ги отфрлија тврдењата на Кравченко.


