УЕФА ги казни навивачите на Црвена Звезда и Борац-Бања Лука

Објавено:

Европската фудбалска унија (УЕФА) ги казни Црвена звезда од Белград и Борац од Бања Лука поради расистичко однесување на нивните навивачи, откако на натпреварите на овие клубови во европските натпреварувања му беше оддадена почит на Ратко Младиќ, осуден за геноцид и други воени злосторства.

На денот на смртта на Младиќ, навивачите на Звезда на натпреварот против ФК Викторија Плзењ во Чешка истакнаа транспаренти со порака „Генерале, голема слава и благодарност“, со скандирање на името на Ратко Младиќ, поради што Меморијалниот центар Сребреница побара од УЕФА трајна дисквалификација на клубот од Белград.

Дисциплинската комисија на УЕФА соопшти во петокот дека на Црвена Ѕвезда ѝ е изречена парична казна од речиси 100.000 евра поради расистичко однесување и неприкладно скандирање, како и забрана за продажба на билети за нејзините навивачи за следното гостување во европските натпреварувања.

Поради расистичко и/или дискриминаторско однесување на навивачите, Ѕвезда е казнета со 40.000 евра, додека за пренесување порака која не е прикладна за спортски настан е казнета со 50.000 евра.

Клубот е казнет и со дополнителни 8.250 евра поради недолично однесување на екипата на гостувањето во Плзењ.

Казни и за Борац Бања Лука

На натпреварот на Борац против Викингур Рејкјавик, одигран на 27 август на денот на смртта на Младиќ, на трибините на градскиот стадион во Бања Лука исто така му беше оддадена почит на Младиќ.

Дисциплинската комисија на УЕФА соопшти дека бањалучкиот клуб поради расистичко и/или дискриминаторско однесување на навивачите е казнет парично со 30.000 евра, а наложено е и делумно затворање на стадионот за следниот натпревар на Борац во европските натпреварувања.

Борац е казнет и со 4.000 евра поради недолично однесување на екипата, 3.500 евра поради палење пиротехника, додека членот на стручниот штаб Богољуб Зељковиќ е казнет со 2.000 евра поради навредување на службено лице.

Последни објави