Демократите ја преземаат контролата врз двата дома на американскиот Конгрес – Претставничкиот дом и Сенатот на изборите во САД на 3 ноември.
Среднорочните избори кои се одржуваат на половина од мандатот на претседателот во САД вообичаено не се во полза на партијата од која доаѓа актуелниот претседател и досега во најголем дел завршувале со промена на балансот на моќта. Меѓутоа, на овие избори поразот на републиканците беше толку јасен што американските аналитичари го толкуваат како децидно отфрлање на политиките на Доналд Трамп во првите две години од неговиот втор мандат како претседател.
Изборите донесоа неколку историски моменти, на пример, во Тексас Џејмс Таларико е првиот демократ што победил во трката за Сенатот по 38 години, а во Канзас Адам Хамилтон обезбеди триумф на демократите по 94 години.
Еве пет причини што ги издвојуваат западните медиуми за тоа зошто републиканците доживеаја дебакл на овие избори:
1. Вртоглав раст на трошоците за живот
Од Источниот до Западниот брег на САД, гласачите се соочуваат со вртоглав пораст на цените за основните животни потреби. Ова незадоволство беше очигледно на терен, во клучните изборни трки.
„Цените на горивото, цените на намирниците – сè поскапува“, изјави за Би-би-си гласачка од Северна Каролина пред изборите, додавајќи дека својот глас ќе го даде за демократите иако досега традиционално гласала за републиканците.
Во периодот до септември, цените во САД се зголемиле за 3,7%, главно поради растот на цените на горивата и енергенсите. Според официјалните податоци, просечните малопродажни цени на дизелот во САД, на почетокот на октомври, биле блиску до рекордното ниво од 6,52 долари за галон, забележано во септември.
Анкетите покажаа речиси за осум од десет гласачи ваквата инфлацијата предизвикала сериозни или умерени тешкотии ним и на нивните семејства во текот на изминатата година. А, повеќе од шест од десет испитаници за тоа го обвинуваат Трамп, наведувајќи дека сметаат оти повисоките цени се должат на политиките на претседателот.
2. Војната со Иран
Еден од главните фактори за наглиот раст на цените е војната со Иран, која САД и Израел ја започнаа во февруари.
Цените на горивата вртоглаво пораснаа откако Техеран, како одмазда, практично го затвори Ормускиот теснец, блокирајќи ја клучната артерија за транспорт на светските резерви на нафта и течен природен гас (ТПГ).
Оттогаш, американските гласачи на бензинските пумпи ја плаќаат цената на војната.
Војната се покажа како крајно непопуларна меѓу повеќето Американци. Дури и за републиканците од движењето „MAGA“, таа претставуваше прекршување на ветувањето дадено во рамките на кампањата на Трамп – „Америка на прво место“ (America First), во која тој вети дека ќе нема повеќе војни.
Околу шест од десет испитаници во анкетите сметаат дека САД донеле погрешна одлука со преземањето воени дејствија против Иран.
Покрај тоа, три четвртини од гласачите наведоа дека конфликтот бил клучен или значаен фактор за нивната одлука на кого ќе го дадат својот глас.
Утрото по изборите, Трамп призна дека војната одиграла улога во поразот, но во интервју за „Фокс“ инсистираше на тоа дека немал друг избор освен да интервенира, со цел да го спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје.
3. Јасни пораки и фокусирана кампања на демократите
Обемот на овој „син бран“ на изборите, според дел од анализите, беше овозможен и од тоа што демократите имаа неколку силни кандидати чиј глас допре и надвор од границите на САД, а не само во нивните сојузни држави.
Неколкумина демократски кандидати отскокнаа поради нивната автентичност особено во традиционалните републикански средини. Тие се држеа до децидни пораки за трошоците за живот, пристапот до здравствена заштита, до јавното образование …
Поранешниот учител Џејмс Таларико и пасторот Адам Хамилтон, исто така, зборуваа и за нивната вера со што го „зграпчија“ вниманието на дел од гласачкото тело во Тексас и Канзас.
Во Јужна Каролина, демократката Ени Ендрус направи вистинско изненадување. Таа е поранешна педијатарка, изборната трка ја трчаше во сојузна држава каде многумина го сметаат здравствениот систем за нефункционален, па нејзиниот фокус во кампањата беше токму на здравствената заштита.
Докторот од јавното здравство, Абдул Ел-Сајед, кој триумфираше во Мичиген и стана првиот муслиман избран за Сенатот, стана препознатлив по неговата клучна порака во кампањата: „парите надвор од политиката, парите во вашиот џеб“.
Демократскиот сенатор Џон Ософ, кој беше реизбран во Џорџија, во средиштето на својата кампања ги стави трошоците за живот и корупцијата. Неговата убедлива победа во држава во која Трамп победи два пати ги засили гласините за тоа дали тој може да биде претседателски кандидат на демократите во 2028.
Дури и самиот Трамп ги пофали демократите, велејќи за „Фокс њуз“ дека „направиле добра работа“.
За разлика од нив, некои републикански кандидати, како Кен Пакстон во Тексас, беа критикувани за водење лоши кампањи кои не се доволно фокусирани на грижите на гласачите.
4. Непопуларноста на Трамп – товар за републиканските кандидати
Две од прашањата за кои има најголемо незадоволство на гласачите – вртоглавиот раст на цените и војната со Иран – се директно поврзани со претседателот Доналд Трамп.
Неговиот рејтинг на поддршка опадна дури и меѓу републиканските гласачи, што ги направи некои од сојузните држави, кои го поддржаа во 2024 година, особено ранливи.
Во обид да ги мобилизира гласачите, Трамп ги повика да замислат дека и тој е на гласачкото ливче.
Но, по повеќе од една деценија во која тој се јавува како централна фигура во американската политика, некои аналитичари сметаат дека овие избори се показател оти „сјајот на брендот Трамп“ почнува да избледува.
Во месеците пред гласањето, анкетите покажуваа дека многу Американци сакаат Трамп повеќе да се фокусира на нивните грижи поврзани со вртоглавиот раст на цените.
Во вакви услови на растечки гнев, тој правеше ризични потези кои имаа спротивен ефект. На пример, во својот последен говор во рамките на кампањата, одржан во понеделникот во Вашингтон, тој опширно зборуваше за својот контроверзен проект за реновирање на „Рефлектирачкиот базен“ (Reflecting Pool).
5. Поместување на Хиспанците и афроамериканските гласачи кон демократите
Пред две години, придвижувањето на афроамериканските гласачи и Хиспанците (гласачи кои имаат историска и јазична поврзаност со Шпанија) кон републиканците му обезбедија убедлива победа на Трамп на претседателските избори. Но, тоа се смени за овие среднорочни избори.
Демократите ги освоија сите три трки за Претставничкиот дом во регионите долж границата меѓу Тексас и Мексико, каде претежно живеат Хиспанци.
Според анализа на „Њујорк тајмс“, републиканците загубиле 22% во окрузите со мнозинство Хиспанци во споредба со претседателските избори во 2024.
Ваквото поместување доаѓа во услови на широко распространет гнев кон спроведувањето на имиграциските закони од страна на администрацијата на Трамп. Мнозинството (56%) од Американците имаат неповолно мислење за постапките на Агенцијата за имиграција и царина на САД (ICE).
Окрузите со мнозинство афроамерикански гласачи, исто така, значително се поместија кон демократските кандидати во трките за Сенат.


