Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија (ЈП ЖРСМ) – Скопје повеќе години континуирано искажува негативен финансиски резултат од своето работење, што негативно влијае на одржувањето, рехабилитацијата и модернизирањето на железничката инфраструктура, како клучен сегмент на транспортниот систем во државата, со стратешко значење за економскиот развој, поврзувањето на регионите и заштитата на животната средина, покажа новиот ревизорски извештај.
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија – Скопје за 2024 година.
ЈП ЖРСМ Инфраструктура Скопје континуирано искажува загуби од работењето при што за 2024 година загубата изнесува 188.775 илјади денари или над три милиони евра, а заедно со пренесена загуба од претходни години, достигнува вкупен износ од 4.724.897 илјади денари или 76,6 милиони евра.
Континуираните загуби во работењето негативно влијаат врз тековното и идно работење на јавното претпријатие, неговиот развој и го доведуваат во прашање ефикасното управување, одржување и безбедноста на железничката инфраструктура и сообраќајот, се вели во извештајот.
Од извршената анализа на бројот на вработените, старосната и квалификационата структура ревизијата утврдила дека од вкупно систематизираните 1.314 работни места во актот за систематизација, пополнети се само 54% или 718 работни места.
Графичкиот приказ на старосната структура на вработените покажува дека со најголем процент застапени се вработени на возраст од 56 до 60 години.
Од вкупниот број вработени 30% не ги исполнуваат посебните услови за степен или вид на образование, додека 5% дополнителните услови, пропишани со актот за систематизација, што може неповолно да влијаат на организацијата на работата, распределба на задачите, како и врз квалитетното извршување на дејноста, се наведува во извештајот на Државниот завод за ревизија.


