Премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски се возеа во градскиот воз кој од денеска почна да сообраќа на релација Зелениково – Скопје. До 2028 година треба да има уште две линии – од Волково до Железничката станица во Скопје и од Миладиновци, Илинден и Маџари до Железничката станица.
Мицкоски е задоволен од условите на делницата од Зелениково до центарот на Скопје.
„Условите се навистина европски. Со ова не ги решаваме сите проблеми што ги имаме, но ова е чекор напред во делот на решавање дел од проблемите во транспортот и животната средина, загадувањето, имајќи предвид дека пред нас се грејната сезона и предизвиците што со неа доаѓаат“, изјави Мицкоски.
Министерот Николоски рече дека „ова е почеток на реализација на една визија што треба да значи далеку поефикасен јавен превоз, поголема заштита на животната средина, намалување на загадувањето и поголема мобилност на жителите на градот Скопје и сите општини што гравитираат околу него“.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изрази надеж дека со иста динамика и толку брзо темпо ќе се реализираат и наредите две фази за поефикасен транспорт во градот.
- „Ова е една од алтернативите во транспортот, која треба граѓаните да ги извади од автомобилите. Втората фаза е модернизацијата на ЈСП „Скопје“ за која е веќе завршена постапката и потпишан е договорот. Многу бргу ќе стигнат новите 100 автобуси. Третата фаза е реализација на проектот БРТ и таму е финиширано сè. Во наредните 10 дена ќе се распише тендерот за избор на оператор. Бргу се движиме, бргу се модернизираме и како Град Скопје имаме силна поддршка од Владата“, изјави Ѓорѓиевски.
Како што претходно рече директорoт на ЈП „МЖ Инфраструктура“, Синиша Ивановски, од Зелениково до Скопје и обратно се стигнува за неполни 25 минути. Има 25 километри реконструирана железничка мрежа, повеќе станици и постројки. Возовите без никаков проблем гравитираат со брзина од 80 километри на час, а некаде и со 100 километри на час. Има и 11 патни премини, а на секоја станица ќе има и паркиралишта за велосипеди.
Рутата што тргнува од Зелениково е првата од трите предвидени линии кои треба целосно да го поврзат Скопје. Целта на проектот е да понуди еколошка алтернатива на патниот сообраќај и да го растовари метежот на влезовите во Скопје.


