Треба да се набават 150 автобуси, од кои 100 се за Скопје. Првите 30 треба да пристигнат за шест месеци. „Икарус“ и ЕВН и пред неколку месеци беа избрани, но тогаш тендерот се поништи. Тогаш цената на еден автобус беше пониска за околу осум илјади евра
Заедничката понуда на унгарската компанија „Икарус“ и австриска ЕВН повторно е избрана како најповолна за набавка на 150 електрични автобуси и 75 станици за полнење, тендер што беше распишан од Министерството за транспорт.
„Според одржаната електронска аукција, најниска цена достави компанијата ’Икарус‘ (IKARUS Electric Zrt) во заедничката понуда со ЕВН и тоа од 3.120.956.004 денари (50,7 милиони евра) без ДДВ, односно 19.796.924 денари (околу 322 илјади евра) без ДДВ по единица автобус и 2.018.899 (околу 33 илјади евра) без ДДВ по единица станица за полнење“.
Со изборот на понудата, во тек е рокот за доставување на жалби од останатите компании. Откако тој ќе заврши, доколку нема забелешки односно не биде поништена и оваа набавка, ќе се пристапи кон потпишување на договор.
Првите 30 автобуси за шест месеци, 100 се за Скопје
Од 150 автобуси, предвидено е 100 да бидат наменети за Град Скопје, додека останатите за други градови низ државата.
Според предвидената динамика, испораката ќе биде на шест месеци. Односно, првите 30 електрични автобуси и 15 станици за полнење треба да се достават за најмногу шест месеци од потпишување на договорот.
Втората испорака треба да биде во рок не подолг од дванаесет месеци и таа треба да опфати 60 автобуси и 30 станици.
Уште 60 автобуси и 30 станици треба да се испорачаат за најмногу 18 месеци од склучување на договорот.
Во првата понуда автобусите имаа пониска цена
Ова е трет обид на Владата да набави автобуси за потребите на градскиот превоз во Скопје и во дел од останатите градови.
Првиот тендер во јуни 2025 пропадна бидејќи тогаш единствениот понудувач што се пријави не ги исполнуваше условите.
Вториот беше распишан во февруари годинава, а понудата беше избрана во април. И тогаш, како најповолна беше избрана понудата на „Икарус“ и ЕВН.
Во неа, понудата беше поевтина од сегашната односно околу 314.000 евра по автобус или околу осум илјади евра помалку од сега. Колку била цената на станиците за полнење односно вкупната сума на понудата што беше избрана во април од истите понудувачи, не беше наведено во соопштението до медиуми од Министерството за транспорт.
Но, тогаш целата постапка беше поништена од Државната комисија по жалби за јавни набавки откако една од четирите компании што аплицирале на тендерот поднела жалба.
По ова беше распишан третиот тендер, за кој денеска надлежните објавија дека е избрана понудата на „Икарус“ и ЕВН.
Четири компании се пријавиле на тендерот
И на овој повторен тендер, во конкуренција биле четири компании. Покрај избраната понуди дале и две кинески и една турска компанија. Во прашање се: Xiamen Golden Dragon Bus Co, Ltd; YES-EU DENMARK A/S YUTONG; и BMC Otomotiv Sanayi ve Ticaret Anonim Sirketi.
Од нив, само Икарус“ (заедно со ЕВН) и турската БМЦ, според тоа што го утврдила Комисијата за јавни набавки, ги исполниле условите да учествуваат на електронска аукција. Победила заедничката понуда на унгарската и австриската компанија бидејќи понудила пониска цена.


