Вработени во ЈСП Скопје бараат вонреден инспекциски надзор, се жалат на неисплатени плати

Објавено:

Вработените во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје, особено возачите реагираат на распоредите за работа за верски празници, а проблем се и неисплатените плати за време на празник и прекувремена работа. За ова, денеска на прес конференција информираше Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) во чиј состав е и синдикатот СПАИС во кој членуваат вработени од ЈСП. Синдикалците апелираа до Град Скопје и до раководството на претпријатието да седнат заедно со синдикатот и да ги надминат проблемите со кои се соочуваат вработените.

„Целта е да се избегнат ситуации во кои работниците би биле принудени да ангажираат адвокати за да ги остварат своите права, имајќи предвид дека веќе постојат бројни тужби против ЈСП. Во изминатиот период, јавноста беше информирана за судските постапки, а нивниот број можно е да се зголеми поради игнорирање на барањата од страна на раководството“, истакнаа од синдикатот на денешната прес-конференција пред просториите на Трудовиот инспекторат.

Тие посочија дека дека ќе побараат вонреден инспекциски надзор со цел да се утврдат состојбите во претпријатието.

„Доколку плаќањето на верските празници е согласно закон, не би постоел проблем, меѓутоа според сознанијата, постојат бројни предмети пред судовите, а дел од нив веќе имаат пресуди, кои укажуваат дека празниците не се евидентираат и не се исплаќаат согласно Законот за работни односи“, велат од синдикатот.

Тие додаваат дека повеќе адвокати работат на стотици предмети поврзани со правата на вработените во ЈСП.

Оттаму апелираат да се надминат овие состојби без судски постапки, преку дијалог и почитување на законските одредби. Во спротивно, предупредуваат дека ќе следуваат нови тужби.

А претпријатието освен што се соочува со финансиски предизвици, нема ниту доволно возачи, додека дел од автобусите често се расипуваат. Истражувањето кое во февруари годинава го објави Центарот за граѓански комуникации, покажа дека со опаѓањето на бројот на автобуси, расте нивната просечна старост која сега изнесува 13,3 години.

Во последните десет години, се намалил и бројот на превезени патници. Ако во 2015-та се возеле по 52 милиони патници годишно, сега бројот на превезени патници е сведен само на 22 милиони годишно.