Српската дијаспора денеска ќе гласа во Скопје и Куманово

Објавено:

Српската амбасада во Скопје и српскиот конзулат во Куманово се двете локации кадешто српската дијаспора во земјава ќе може да го даде свој глас за парламентарните избори во Србија кои се одржуваат денеска (25 октомври). Официјален податок за тоа колку гласачи со српски пасоши се пријавиле за гласање.

Според објавената одлука на српската Републичка изборна комисија правото на глас ќе можат да го исполнат државјаните на Србија кои однапред се пријавиле дека ќе гласаат.Според последниот Попис од 2021 година, во Северна Македонија 23.847 лица се изјасниле како Срби, односно 1,30% од вкупното резидентно население.

Овие две локации се дел од 93 избирачки места во 37 држави во странство. Според официјалните податоци за гласање се пријавиле вкупно 102.147 граѓани кои живеат во други држави. Бирачите, без оглед на тоа во кој крај на светот се наоѓаат, ќе мора да гласаат по српското време (од седум наутро до 20 часот навечер по средноевропско време).

И покрај рекордниот број пријавени гласачи широм светот, речиси три пати поголем во однос на минатите избори, власта без образложение одби да отвори избирачки места во десетици градови, пишува балканскиот сервис на Радио Слободна Европа. Меѓу градовите во кои нема да може да се гласа, а претходно можеше, се Букурешт, Софија и Солун, во непосредна близина на Србија, како и Ванкувер во Канада, Грац во Австрија и Истанбул во Турција.

Изборите во Србија низ бројки

Во Србија денеска, 25 октомври, се одржуваат вонредни парламентарни избори. Граѓаните ќе изберат 250 пратеници во Народното собрание, а избирачките места ќе бидат отворени од 7 до 20 часот. Според конечните податоци на Републичката изборна комисија, право на глас имаат речиси 6.5 милиони избирачи.

На гласачкото ливче се наоѓаат 18 изборни листи со вкупно 2.418 кандидати. Гласањето е организирано на 8.392 избирачки места, од кои 93 во странство.

Во изборната трка учествуваат 18 листи со вкупно 2.418 кандидати. Само 250 од нив ќе влезат во новиот состав на Собранието на Србија и ќе добијат прилика да ја формираат власта. За да влезат во парламентот, листите мора да освојат најмалку три отсто од вкупниот број гласови. Исклучок се деветте малцински листи. За нив важат малку поинакви правила, односно понизок праг кој мора да го поминат.

Што се треба да знаете за изборите во Србија

И покрај двоцифрениот број кандидатирани листи, атмосферата на овие избори е речиси референдумска.

Изборниот процес се одвива во длабоко поларизирана атмосфера поттикната од масовните антиВладини протети кои започнаа во ноември 2024 година. Овие избори се сметаат за најголем тест за 14-годишното владеење на Александар Вучиќ, кој во септември поднесе оставка на местото претседател на државата за да се кандидира за премиер.

Голем дел од јавноста е поделен помеѓу листата чиј стожер е владејачката Српска напредна странка (СНС) и Студентската листа, произлезена од повеќемесечните протести поради смртта на 16 лица во падот на настрешницата во Нови Сад во ноември 2024 година.

Меѓу учесниците се листите „Александар Вучиќ – Обединета Србија“, „Ивица Дачиќ – Фактор на стабилност“, „Автентична десница – д-р Милош Јовановиќ“ и „Европска Србија – Мариника Тепиќ – Здравко Понош“. Во трката се и повеќе малцински листи, вклучително и Албанската коалиција, Сојузот на војводинските Унгарци и СДА Санџак, известува телевизијата Н1.

За учество во распределбата на пратеничките мандати, изборните листи треба да го поминат изборниот праг од три отсто. Исклучок се листите на националните малцинства, за кои важат посебни правила. Според Центарот за слободни избори и демократија – ЦеСИД (CSID) , девет од вкупно 18 листи имаат малцински статус.

Кога се очекуваат првите резултати?

Според законскиот рок, РИК ги утврдува прелиминарните резултати за обработените избирачки места во рок од 24 часа од затворањето на гласачките места. Меѓутоа, тоа не се конечни резултати.

По приемот на сите збирни извештаи за резултатите од гласањето, РИК има рок од 96 часа да донесе и објави вкупен извештај за резултатите од изборите. Ако е поднесен некој приговор или жалба против некој збирен извештај, рокот се смета од денот кога на РИК ѝ биде доставена одлуката за нив. Првите проекции на изборните резултати од набљудувачката мисија Црта беа најавени во изборната ноќ – по 21 часот.

Москва испраќа набљудувачи на изборите во Србија

На овие избори ќе има над 16 илјади набљудувачи. Според податоците на РИК, пријавени се 26 домашни здруженија со повеќе од 15 илјади набљудувачи, како и 57 странски организации и здруженија кои испраќаат преку 600 набљудувачи.

Што се однесува до домашните организации, повеќе од илјада набљудувачи ќе имаат движењето „Крени-Промени“, „МИМ“, „ИТ блокада“, Црта, „Чувари на победата“ и „Граѓани на стража“. Освен домашните набљудувачи, парламентарните избори во Србија ќе ги следат и меѓународни мисии.

Меѓу нив се мисиите на Канцеларијата на ОБХД за демократски институции и човекови права (ОДИХР), потоа на Европскиот парламент, како и парламентарните собранија на Советот на Европа и ОБСЕ. Мисијата на ОДИХР започна со работа на 16 септември. Ја сочинуваат 14 експерти во Белград и 30 долгорочни набљудувачи, кои од 25 септември се распоредени низ Србија.

За време на самиот изборен ден уште 300 набљудувачи ќе бидат краткорочно распоредени на различни избирачки места. ОДИХР првите заклучоци за парламентарните избори ќе ги претстави ден по гласањето, а истото го најави и Парламентарното собрание на ОБСЕ.

Свои набљудувачки мисии ќе имаат и бројни амбасади и странски организации. Набљудувачи во Србија испраќа и Москва.

На претходните парламентарни избори, во декември 2023 година, одѕивот беше околу 58 отсто, потсетува Радио Слободна Европа.