Награди за „Мајка“ и „Диџеј Ахмет“ на регионалните филмски признанија во Тиват

Објавено:

Нуми Рапас ја освои наградата за најдобра главна актерка за улогата во „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, а Ариф Јакуп е прогласен за ѕвезда во подем за „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски на второто издание на „Адриатик филм и ТВ авордс“ (АФА). Признанијата за двете македонски филмски остварувања беа доделени синоќа во Порто Монтенегро во Тиват, објави црногорскиот весник „Вијести“.

„Диџеј Ахмет“ — од јуручко село до „Санденс“

„Диџеј Ахмет“ е дебитантски долгометражен филм на Георги М. Унковски, кој е и автор на сценариото. Во средиштето е 15-годишниот Ахмет, момче од оддалечено јуручко село во Македонија, кое наоѓа засолниште во музиката. Неговата желба за сопствен пат се судира со очекувањата на таткото и конзервативната средина, а првата љубов дополнително го усложнува неговото созревање: девојката во која се вљубува веќе е ветена за друг. Ахмет го игра Ариф Јакуп, а во актерската екипа се и Агуш Агушев, Дора Акан Златанова и Аксел Мехмет.

Филмот го привлече меѓународното внимание на „Санденс“ во 2025 година, каде освои две признанија во конкуренцијата за светски игран филм, наградата од публиката и специјалната награда на жирито за креативна визија, доделена на Унковски. Во образложението, жирито ги истакна храброста, ранливоста и посебниот тон на филмот, како и надежта што ја носат неговите ликови.

„Диџеј Ахмет“ е копродукција на Македонија, Чешка, Србија и Хрватска. Продуценти се Иван Унковски и Ивана Шехтоска, а директор на фотографија е Наум Доксевски. Филмот е поддржан од националните филмски фондови на земјите копродуценти, како и од „Еуримаж“.

„Мајка“, портрет пред светоста

„Мајка“ на Теона Стругар Митевска се фокусира на седум дена од животот на Мајка Тереза во Калкута во 1948 година, пред да стане светски познатата хуманитарка. Таа чека дозвола од Ватикан да го напушти манастирот и да основа сопствен ред, но се соочува со дилема што ги доведува во прашање нејзините амбиции и вера. Филмот беше прикажан во програмата „Хоризонти“ на Венецискиот филмски фестивал во 2025 година

Митевска во авторското образложение нагласува дека сакала да ја прикаже Тереза како сложена жена, со решителност, строгост и противречности. Дел од дијалозите произлегуваат од разговори со сестри и сведоци што ја познавале, направени за време на нејзиното претходно документарно истражување. Покрај Нуми Рапас, во филмот играат Силвија Хукс и Никола Ристановски, а сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Митевска и Елма Татарагиќ.

Босанската „Котлина“ најдобра серија

Наградата за најдобар главен актер му припадна на Андрија Кузмановиќ за „Југо Флорида“ на Владимир Тагиќ, а за најдобро сценарио е наградена Хана Јушиќ за „Бог нема да помогне“.

Во телевизиската конкуренција триумфираше босанскохерцеговската серија „Котлина“, со признанија за најдобра серија и за главните актери Снежана Видовиќ и Феѓа Штукан.

За најдобар филм е избран „Ветре, зборувај со мене“, копродукција на Србија, Словенија и Хрватска. Неговиот автор Стефан Ѓорѓевиќ ги освои и признанијата за најдобра режија и најдобар дебитантски филм.

За најдобра ТВ серија беше прогласена „Котлина“ (Босна и Херцеговина), чии креатори се Амра Бакшиќ Чамо и Данис Тановиќ. Наградата за најдобра главна актерка во ТВ серија ја освои Снежана Видовиќ, додека за најдобар главен актер беше награден Феџа Штукан, и двајцата за улогите во серијата „Котлина“.

„Оваа година првпат, со одлука на Управниот одбор на Филмската и ТВ Академија на Јадранскиот регион, беше доделена AFA наградата за исклучителен успех во кинодистрибуцијата, односно за најголем приход остварен на киноблагајните“, потсетуваат организаторите. Наградата ја освои филмот „Свадба“ на Игор Шереги.

Управниот одбор на Академијата го сочинуваат претставници на фестивалите основачи: Сараевскиот филмски фестивал, Загрепскиот филмски фестивал и Фестивалот на авторски филм од Белград.

За номинациите и добитниците на AFA наградите одлучуваа повеќе од 800 членови на Филмската и ТВ Академија на Јадранскиот регион, која ја сочинуваат филмски и телевизиски професионалци. Академијата со овие признанија ги наградува најзначајните регионални филмски и телевизиски остварувања, нивните автори и создавачи.