Демонстрантите излегоа на улиците во Тирана во неделата, неколку часа откако премиерот Еди Рама најави нови мерки за запирање на бранот антивладините протести. Дел од демонстрантите фрлале камења и пиротехника кон полицајците во близина на Владата. Полицијата интервенирала со солзавец и водени топови, а имало и приведувања. Пријавени се оштетувања на фасади на деловни објекти кај кулите „Близначки“, на булеварот „Маченици на нацијата“.
При протестите четворица се повредени, од кои двајца полицајци и двајца демонстранти. Еден од нив е хоспитализиран, додека другите се пуштени на домашно лекување, велат од Министерството за здравство.
Протестите продолжуваат со барања за оставка на премиерот Еди Рама. Ројтерс денеска известува дека новото собирање почнало пред Министерството за образование, по што демонстрантите се упатиле кон Владата. Студентски демонстрации, разгорени од револт поради наводната корупција во власта, недостатокот на работни места и лошите образовни стандарди, го зафатија центарот на Тирана и се проширија во други градови овој месец.
„Верувам дека оние кои бараат моја оставка се во заблуда ако мислат дека можат да ја наметнат преку насилство или било кој друг начин, но не верувам дека се што велат или бараат е погрешно“, изјави Рама во видеообраќање.
Немирите, кои уследија по месеци претежно мирни летни протести против луксузен крајбрежен развој поддржан од зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џеред Кушнер, претставуваат најголем предизвик досега за Рама, кој владее од 2013 година и освои четврти мандат минатата година. Претходно во неделата, Рама воведе нови мерки за запирање на насилството, вклучувајќи казни од 500.000 леки (6.188 долари) за секој што учествува во протест што ќе прерасне во насилство, дури и ако тој или таа лично не изврши насилствени дела.


