Група од повеќе десетици мажи со маски (качулки) влезе во шаторскиот камп кај Претседателството на Србија, познат како „Чациленд“, во кој во последните година и пол се наоѓаат поддржувачите на власта.Таа група претходно се собирaше на Плоштадот „Никола Пашиќ“ во близина на шаторскиот камп, јавува балканскиот сервис на Радио Слободна Европа. Од таму се упатија кон Претседателството, а полицијата ги пропушти во „Чациленд“. Полиција во опрема за разбивање демонстрации е распоредена пред Собранието на градот, Републичката изборна комисија и Претседателството на Србија.
Ваквите наводи ги потврдуваат и новинарите на терен од телевизијата Н1 кои јавуваат дека мажи во црни капи влегуваат во Пионерскиот парк, каде се наоѓа т.н. Чачиленд. Екипата ТВН1 јавува дека таму има и голем број полициски возила, но и автобуси со кои наводно биле донесени граѓани.
Целиот потег, каде што се Републичката изборна комисија и Претседателството, е блокиран од сите страни. Возила за разбивање демонстрации се поставени во паркот кај Собранието на Србија, каде што во шаторската населба позната како „Чациленд“ престојуваат поддржувачите на власта. Никој, па ни новинарите, не може да помине, јавува репортерката на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Во центарот на Белград, покрај затворањето улици, дел од сопствениците на деловни простории ги заштитувале излозите со дрвени плочи, известува „Тпортал“. Во влезот на зградата на Радио телевизија Србија (РТС) од Таковската улица се наоѓаат полицајци, јавуваат репортерките на Радио Слободна Европа. Овие сигнали укажуваат на ризик од немири при прогласувањето на изборните резултати.
Се огласија и студентите повикувајќи ги граѓаните на Белград да не се собираат на места „каде е забележливо зголемено присуство на полицијата и лица во цивилки“. Од Студентската листа „Студентите победуваат“ соопштија дека според нивните информации, Српската напредна странка (СНС) планира од 21 часот да ги мобилизира своите симпатизери и членови и да ги изнесе на улица. Студентите паралелно ги повикаа своите поддржувачи да останат смирени и да се собираат на места каде има полиција и цивилки.
„Безбедно, мирно и достоинствено до крај“, повикаа студентите.
Претходно, Вишото јавно обвинителство во Белград на 25 октомври ги повика сите учесници на изборите да ги намалат меѓусебните тензии и да се воздржат од непримерено и насилничко однесување.
„Подвлекуваме дека надлежните институции адекватно, во согласност со законот, ќе одговорат на секој обид за нарушување на јавниот ред и мир, како и на насилство од било кој вид, пред, на денот на одржувањето на изборите и по нив“, пишува во соопштението.
Се наведува и дека обвинителството внимателно ја следи ситуацијата во Белград за време на изборниот ден и ја координира работата на основните јавни обвинителства и полицијата за изборите да поминат мирно, во демократска атмосфера и во согласност со Уставот и законите на Србија.


