Голема излезност во Србија: До 18 ч. гласале речиси 65%

Објавено:

До 18 часот во Србија на денешните предвремени парламентарни избори гласале 64,89%, покажуваат податоците на Републичката изборна комисија (РИК).

Гласачките места се затвораат во 20 часот.

Според податоците од Студентската листа „Студентите победуваат“, до 19 часот гласале 4.310.000 граѓани или 66,8% што е за пола милион повеќе од изборите во 2023 година.

Проценката на невладината организација Центар за слободни избори и демократија (ЦЕСИД) на примерок од 750 гласачки места, е дека до 19 часот излезноста е 67,6%.

Во споредба со изборите во 2023 година, излезноста е поголема за повеќе од 12 отсто односно тогаш до 19 часот била 55,9%.

Излезноста на сите парламентарни избори во Србија досега се движела околу 60%, според анализите на Н1 ТВ. Тој процент е надминат неколку часа пред затворањето на гласачките места.

Главната политичка битка на денешните предвремени парламентарни избори во Србија се води меѓу Српската напредна странка и Студентската листа, произлезена од протестите по трагедијата на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година, во која загинаа 16 луѓе.

Барањата за одговорност прераснаа во пошироко движење против корупцијата и институционалните пропусти. Граѓаните избираат 250 пратеници меѓу 18 изборни листи.