Србија гласа со висока излезност, студентската листа ја предизвикува власта на Вучиќ

Објавено:

Повеќе од една третина од избирачите во Србија гласале до пладне на денешните вонредни парламентарни избори, на кои студентското движење ја предизвикува владејачката Српска напредна странка. Според Републичката изборна комисија, излезноста до 12 часот изнесува 34,55 проценти.

Поновата процена на набљудувачката организација ЦРТА покажува дека до 13 часот гласале 41,1 процент од избирачите, објави Радио Слободна Европа. Оваа бројка е процена на набљудувачите и се разликува од официјалниот пресек на РИК, кој се однесува на излезноста до пладне. За споредба минатите избори во 2023 година, до 13 часот излезноста изнесуваше 26,6 проценти.

Право на глас имаат 6.451.292 граѓани, според конечниот избирачки список што РИК го утврди на 23 октомври. Тие избираат нов состав на парламентот, а гласачките места се затвораат во 20 часот. За 250 пратенички места се натпреваруваат 18 изборни листи со вкупно 2.418 кандидати. Покрај партиите и коалициите, првпат во оваа изборна трка учествува и студентската листа, поддржана од дел од опозицијата.

Главната политичка битка се води меѓу листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ и „Студентска листа – Студентите победуваат“. Меѓу учесниците се и социјалистите на Ивица Дачиќ, коалицијата „Европска Србија“, десничарски и малцински листи.

Според новинската агенција Ројтерс, гласањето во првиот дел од денот се одвивало претежно мирно, но набљудувачите пријавиле загриженост околу избирачките списоци и тајноста на гласањето. Вучиќ изјавил дека ќе ги почитува изборните резултати, без разлика дали е пораз или победа.

Пријавите за неправилности засега не претставуваат конечна оценка за целиот изборен процес. Набљудувачите од невладините организации тврдат дека низ избирачките места се случува семејно гласање и сликање на ливчиња. ЦРТА пријавила во полиција сомнежи за купување гласови во Ветерник.

Центарот за слободни избори и демократија (ЦеСИД) соопшти дека, врз основа на информациите добиени од набљудувачите, до 11 часот забележал повеќе од 120 неправилности на примерок од 750 избирачки места. Меѓу забележаните неправилности го наведува загрозувањето на тајноста на гласањето и додава дека се пријавени бројни случаи на фотографирање гласачки ливчиња, користење мобилни телефони, гласање надвор од гласачките кабини и групно гласање.

Претседателот на Републичката изборна комисија (РИК) на Србија, Владимир Димитријевиќ, изјави дека гласањето на голем број избирачки места тече без инциденти и неправилности, со голема излезност во утринските часови.

„Единствените помали предизвици беа поврзани со големиот интерес на избирачите и турканиците при отворањето на избирачките места“, изјави Димитријевиќ на втората редовна конференција за новинари на РИК.

Изборите следуваат по речиси две години студентски протести, почнати по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година, кога загинаа 16 луѓе. Барањата за одговорност за трагедијата прераснаа во пошироко движење против корупцијата и начинот на владеење. Студентската листа вклучува експерти, спортисти, земјоделци и уметници, а не само претставници на студентското движење, известува Асошиејтед прес.

Вучиќ поднесе оставка од претседателската функција на 27 септември и настапува со амбиција повторно да ја предводи владата. Во кампањата неговата листа ветуваше економски раст, повисоки плати и пензии и стабилност. Студентското движење во фокусот ги постави борбата против корупцијата и одговорноста на институциите, додека изборната рамноправност беше една од главните спорни теми