Филмска местенка на сообраќајка во Тетово, уловена со камерите на „Сејф сити “

Објавено:

Измама со лажна сообраќајна несреќа во Тетово е откриена со помош на видео снимките од системот „Сејф Сити“ (Безбеден град) соопшти Министерството за внатрешни работи. Двајца мажи осомничени за измамата се приведени под сомнение за осигурителна измама.

Тетовската полиција соопшти дека на 8 јули, 44 годишен маж од Џепчиште се јавил во полицијата за да пријави дека наводно 45 годишен маж со четирицикл излетал од коловозот и се превртел.

Полицијата по увидот на тетовските улици, ги провериле и видеоснимките од камерите на системот „Сејф Сити“. Снимките покажале дека четирициклот бил донесен до местото на наводната сообраќајна несреќа со влечна служба. Откако го довлечкале со „шлеп“ служба, неколку луѓе учествувале во превртувањето на четирициклот, со цел да се фингира сообраќајна незгода.

Четирициклот е одземен со потврда и задржан за понатамошна постапка. Околу 23:50 часот, полициски службеници ги лишиле од слобода возачот Ш.А. и пријавителот С.А. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „осигурителна измама“. Осомничените се задржани во полициска станица Тетово за понатамошна постапка, по што ќе следи соодветен поднесок“, се вели во полициското соопштение.

Системот „Безбеден град“ официјално почна да регистрира сообраќајни прекршоци и да испраќа казни до возачите од 1 февруари 2026 година. Претходно, два месеци имаше тест период, во кој само се испраќаа известувања до граѓаните без наплата на казни.

На почеток, системот регистрира четири вида сообраќајни прекршоци: непрописно паркирање; брзо возење, поминување на црвено и управување со возило со истечена регистрација. Надлежните најавија дека оваа листа ќе се проширува.

Системот „Безбеден град“ функционира во три града, а тоа се Скопје, Куманово и Тетово, како и на коридорите 8 и 10. Потребната опрема се набавува и поставува и во други градови, а амбициите на МВР се „Безбеден град“ да го има низ цела земја и да стане „Безбедна држава“.