„Измамнички пораки за наплата на сообраќајни прекршоци“ – вака гласеше насловот на предупредувањето што Министерството за внатрешни работи (МВР) го испрати до јавноста бидејќи забележале зачестени измами упатени кон граѓаните.
Но, сепак, десетина граѓани наседнале на измамите, покажуваат податоците што Колегиум.мк ги доби од МВР.
„Евидентирани се вкупно 17 настани за пратени лажни пораки за плаќање наводни казни за сообраќајни прекршоци, од кои во 10 случаи од граѓаните се одземени парични средства“, велат од МВР за Колегиум.мк.
Засега нема информации од каде доаѓаат овие пораки – дали надлежните веќе ги лоцирале измамниците, дали е во прашање група или поединци…
„Во моментов не сме во можност да споделиме дополнителни детали, со оглед на тоа што предметот е во активна постапка и по него интензивно се работи. За секоја нова информација и за исходот на истрагата, јавноста и медиумите ќе бидат навремено известени“, велат од МВР.
Според она што е забележано досега, дел од СМС пораките со измами стигаат од броеви со странски префикс.
„Единствен официјален меѓународен телефонски префикс за Република Северна Македонија е +389. Официјалните известувања од Министерството за внатрешни работи се испраќаат без приказ на телефонски број – наместо број, стои името на институцијата“, потенцираат оттаму.
Претходно надлежните појаснија и оти измамата се врти на тој начин што откако лицата ќе кликнат на линкот оставен во пораката, истиот води на лажна веб страна на МВР каде што измамниците од жртвата бараат да ја внесе регистарската табличка од возилото. Потоа, на жртвата и се отвора нов прозорец каде е регистриран наводниот прекршок и се бара да плати 1.500 денари.
Во продолжение погледнете како изгледаат дел од измамничките пораки:

А, вака изгледаат официјалните известувања од МВР за регистрирани сообраќајни прекршоци со „Безбеден град“:

Системот „Безбеден град“ официјално почна да регистрира сообраќајни прекршоци и да испраќа казни до возачите од 1 февруари 2026 година. Претходно, два месеци имаше тест период, во кој само се испраќаа известувања до граѓаните без наплата на казни.
На почеток, системот регистрира четири вида сообраќајни прекршоци: непрописно паркирање; брзо возење, поминување на црвено и управување со возило со истечена регистрација. Надлежните најавија дека оваа листа ќе се проширува.
Системот „Безбеден град“ функционира во три града, а тоа се Скопје, Куманово и Тетово, како и на коридорите 8 и 10. Потребната опрема се набавува и поставува и во други градови, а амбициите на МВР се „Безбеден град“ да го има низ цела земја и да стане „Безбедна држава“.
Случаи со измами, за кои пред десетина МВР соопшти дека зачестиле, беа забележани и претходно уште додека траеше пробниот период за функционалноста на системот.


