Речиси 60 илјади прекршоци открија камерите на „Безбеден град“

Објавено:

Вкупно 59.498 прекршоци регистрирале камерите на системот „Безбеден град“ од неговото воведување до средината на април.

Во периодот од нецели три месеци, возачите кои ги направиле прекршоците, во 95 отсто од случаите, возеле со брзина поголема од дозволената. Потоа следуваат прекршоците за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола, а оние пак, за минување на затворен сигнал-црвено светло се јавуваат во најнизок обем, информираат од МВР за Колегиум.мк.

Меѓу оние кои веќе платиле казна е скопјанецот Александар, кој пред нашата камера истакна дека не го видел сообраќајниот знак бидејќи бил прекриен од паднати лисја од дрво. Сепак, тој смета дека проектот „Безбеден град“ ја зголемил безбедноста во сообраќајот, што е впечаток и на скопјанецот Никола.

„Ги нема веќе овие лудости, бидејќи се случија многу несреќи. Мислам дека е во ред, но за сѐ треба навика и време“, рече тој за Колегиум.мк

Еден од граѓаните кои ги анкетиравме пак, вели дека сообраќајот е успорен, но сепак е во ред, иако како што смета, се претерува со многуте камери.

Но, за разлика од нив, скопјанката Светлана вели дека сообраќајниот метеж не е намален.

„Кој си научил да вози брзо, си вози“, додаде таа.

Од Министерството за внатрешни работи не одговорија на нашето прашање колку пари се слеале досега во буџетот од казните кои ги платиле граѓани по овие основи. Сепак, преку соопштение ги повикаа граѓаните потврдите за платените санкции од овој сообраќаен систем да не ги носат во полициска станица.

Системот на МВР автоматски е поврзан со системот на Министерството за финансии, а притоа граѓаните се должни при уплатата да ја пополнат уплатницата како во правната поука на записникот. Тоа значи дека треба точно да се внесе единствениот број од записникот во делот „повикување на број“ и „цел на дознака“ во уплатницата, информира МВР.

Скопје лидер по бројот на прекршоци

А податоците кои од таму ги доставија до Колегиум.мк покажуваат дека по број на прекршоци „предничи“ Скопје. Потоа следуваат прекршоците регистрирани на патните правци долж Коридорите 10 и 8, а во СВР Куманово, СВР Тетово и останатите локации регистрирани се помал број на прекршоци.

Воведување на овој систем веќе се планира и во Охрид и Струга, и тоа пред почетокот на летната туристичка сезона. Во меѓувреме, локалната самоуправа во Струмица најави дека системот „Безбеден град“ ќе се имплементира и таму, а имплементацијата ќе се одвива во фази.

„Безбеден град“ официјално почна да функционира од 1-ви февруари. Во првите два и пол месеца, бројот на предметните прекршоци бележи зголемување во рамки на предметниот период.

Од МВР информираат дека во февруари се регистрирани 19.066 прекршоци, во март 26.241  прекршок, а во периодот од 01 заклучно со 15 април регистрирани се 14.191 прекршок.