За кравите слобода, за Крива Палaнка кризна состојба

Објавено:

Општинскиот кризен штаб на Крива Паланка, на седницата одржана на 2 ноември 2026 година, донесе официјален заклучок и упати итно барање до Владата на Република Северна Македонија за прогласување на 30-дневна кризна состојба на територијата на општината. Причина за овој драстичен чекор е повеќедеценискиот, сè поакутен проблем со неконтролираното движење на над 1.000 грла крупен добиток низ централното градско подрачје.

Животните секојдневно ги узурпираат јавните и зелените површини, нанесуваат масивни штети на земјоделските насади и уништуваат приватен и општински имот, со што директно се загрозува безбедноста на пешаците, учесниците во сообраќајот и целокупното секојдневно живеење на локалното население.

„Кризниот штаб оцени дека расположливите капацитети на Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за управување со одземен имот се недоволни во однос на обемот на проблемот. Затоа, од Владата се бара преку предложената кризна состојба да обезбеди дополнителен кадар, опрема, финансиски средства и координиран оперативен план со јасни одговорности и рокови“, се вели во соопштението.

Од Општината нагласуваат дека доколку за една недела од сега Агенцијата не преземе конкретни и документирани теренски активности за справување со кравите и извршни решенија од 2024 година, ќе бидат поднесени кривични пријави за испитување на одговорноста на надлежните службени лица, а се подготвува и документација за надомест на штетите на оштетените граѓани. Исто така, поради незадоволството на населението, не се исклучува ниту организирање на мирни јавни протести и привремени протестни блокади во координација со полицијата.

„Планот треба да содржи распоред на акции по денови и локации, одговорни лица, доволен број стручни екипи и специјализирани возила, како и обезбедени услови за заловување, транспорт и сместување на добитокот опфатен со решенијата. Акциите треба да се спроведуваат во координација со надлежните институции, со видливо полициско присуство и асистенција и со соработка со локалното население“, се вели во соопштението од општината.

Проблемот со слободните крави кои шетаат низ градот и околните цела во Крива Паланка трае повеќе од две години. Во декември 2025 година, по долгогодишни реакции од граѓаните и неуспешни обиди за справување со хаосот, полицијата го уапси поранешниот сопственик на стоката (Г.Ѓ., 57) заедно со неговите две ќерки (А.Ѓ. и А.Ѓ.), откако истите пружиле физички отпор и се спротивставиле на полициските службеници и инспекторите. Основното јавно обвинителство во Крива Паланка поднесе обвинителен предлог против таткото и двете ќерки за сторени кривични дела, а од страна на судија на претходна постапка им беше определена мерка притвор поради опасност од повторување на делата и непречено одвивање на постапките.

И покрај тоа што семејството беше соочено со кривични пријави, судски процеси и одземања, системот се соочи со практичен проблем – каде да се сместат над 1.000 грла добиток бидејќи државните институции немаат соодветни фарми, услови ниту пак финансиски капацитет за трајно згрижување на толку голем број животни, што доведе до ситуацијата тие и понатаму да останат пуштени на слобода.

Контролниот состанок на Кризниот штаб на Општина Крива Паланка на кој ќе се ревидираат постигнатите резултати во справувањето со кравите е закажан за 16 ноември 2026 година, со почеток во 09:00 часот.