Двајца вработени во Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се осомничени дека со менување, бришење и прикривање податоци во електронските индекси незаконски „заработиле“ околу 21.000 евра. Штипското обвинителство поведе постапка против нив и побара притвор за двајцата.
Според Обвинителството, станува збор за раководителот на Секторот за „Е-Индекс“ и референтка за студентски прашања на еден од факултетите. Сомнежите се дека злоупотребите траеле од 2021 до 2026 година.
Референтката, по насоки од раководителот, наводно внесувала невистинити податоци во информатичкиот систем на Универзитетот. Според соопштението од Обвинителство со менување, бришење или прикривање на податоците во базата за електронски индекс, двајцата влијаеле врз резултатите што ги прикажувал системот и на тој начин незаконски заработиле околу 21.000 евра.
Во соопштението не е наведено кои конкретни податоци биле менувани, колку студенти се опфатени или како осомничените ги добивале парите. Двајцата се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување и за компјутерска измама. Обвинителството доставило предлог до судијата на претходна постапка да им биде определен притвор.
Од Универзитетот претходно соопштија дека целосно соработуваат со МВР и со Обвинителството за расчистување на случајот. Реакцијата следуваше по информациите за полициски претреси на повеќе локации во Штип и Скопје, поврзани со сомнежи за манипулации со оценки.
„УГД има нулта толеранција за корупцијата и злоупотребата во академската заедница“, соопшти Ректоратот.
Оттаму порачаа дека нема да дозволат случајот да ги доведе во прашање трудот на чесните студенти и вработени и вредноста на нивните дипломи.


