Португалската фудбалска ѕвезда Кристијано Роналдо продолжи да ја брка историската бројка од 1.000 постигнати голови во кариерата, откако постигна хет-трик во победата на Ал Наср над Ал Холуд од 5:3, во натпревар од Саудиската професионална лига.
Роналдо ги постигна сите три гола во второто полувреме на стадионот „Ал Аввал парк“. Мрежата на гостите ја затресе во 66., 72. и 81. минута, со што му ја обезбеди победата на својот тим.
Покрај него, за домашната екипа погодија и Анџело (24.) и Мане (38.), додека стрелци за гостите беа Домингес (16. и 90+4.) и Есомба (45+2.).
Со овој хет-трик, 41-годишниот Португалец стигна до бројката од 985 голови на официјалните натпревари во кариерата, со што дополнително се приближи до јубилејот од 1.000 голови што го брка веќе неколку години.


