„Санте Плус“ двојно наплаќала за операции за очи – осуммина уапсени, осомничени Ден Дончев, раководители од ФЗО и болницата

Објавено:

Граѓани кои оперирале очи во една од приватните болници плаќале за оперцијата, иако за истата на болницата ѝ плаќал и Фондот за здравствено осигурување(ФЗОМ) и на тој начин противправно стекнала околу четири милиони евра. Покрај масовната двојна наплата, болницата правела и други прекршоци но никогаш не била казнета, објави министерот за здравство Сашо Клековски, откако Одделот за организиран криминал утрово претресе повеќе од 10 локации во Скопје, Тетово и во Куманово во рамки на акцијата.

„Станува збор за повеќе видови прекршоци, една од најмасовните е двојна наплата на пациентите односно земени се пари од Фондот за одредена услуга за која има договор и таа услуга под различни изговори е наплаќана и од пациентите“, изјави Клековски.

Инволвирани се поранешни и сегашни вработени во Фондот и раководни лица во приватната болница. Во рамки на акцијата, уапсени се осум лица, а при извршените претреси пронајдени и одземени се парични средства околу 50,000 евра и мобилни телефони.

„Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против 11 физички лица, од кои еден албански државјанин и едно правно лице, и тоа: Д.Д.(60) од Скопје, О.Р.(66) од Тетово и С.Б.(59) од Скопје за „злоупотреба на службената положба и овластување“, Р.А.(45) од Куманово за „несовесно работење во службата“, З.А.(35) од Скопје за „фалсификување или уништување деловни книги“, В.Ќ. (47) од Скопје, С.А.(40) од Скопје и Г.А.(33) од Р. Албанија за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „измама во службата“, Ц.С.(47) од Скопје, Ж.С.(58) од Скопје и И.П.(49) од Скопје за „несовесно работење во службата“ и против приватната здравствена установа од Скопје за „перење пари и други приноси од казниво дело“, соопштија попладнево од Министерството за внатрешни работи.

Според наводите во пријавата, двајца тогашни директори на ФЗО во 2020 година, заедно со претставник на приватната здравствена установа, склучиле договор спротивно на пропишаните постапки и интерни акти на Фондот. Претседателот на Управниот одбор се сомничи за неправилности при неговото одобрување.

„Врз основа на договорот, преку внесување невистинити податоци во електронскиот систем на ФЗО и изготвување фактури со невистинита содржина, здравствената установа наводно наплаќала исти услуги и од Фондот и од пациентите. На пациентите, покрај законската партиципација, им била наплаќана и приватна цена за операциите, при што им било прикриено дека услугите се наплаќаат и од ФЗО“, соопшти полицијата.

Пријавениот директор на Секторот за контрола се сомничи дека не ги доставувал извештаите за утврдените неправилности до надлежната комисија и го одлагал спроведувањето редовни контроли, со што се избегнувало изрекување дополнителни договорни казни и можно раскинување на договорот. Две раководителки на Подрачната служба Скопје се сомничат дека не ја следеле наплатата на веќе изречените казни и не ги известувале надлежните служби, поради што исплатите кон установата продолжувале без пребивање на долговите.

Постојат и сомнежи дека средствата исплатени од ФЗО, за кои овластените лица во установата знаеле дека потекнуваат од кривично дело, биле внесувани во платниот промет, евидентирани на различни сметководствени конта и користени за плати, набавки и други исплати.

Според пријавата, штетата на буџетот на ФЗО изнесува 104.818.754 денари, односно околу 1,7 милиони евра, за исплати по фиктивни фактури, и дополнителни 525.000 денари за ненаплатени договорни казни. Исто така, велат од МВР, постојат сомнежи дека во периодот од 2022 до 2025 година здравствената установа се стекнала со противправна имотна корист од 261.271.961 денар, односно околу 4,25 милиони евра.

Со опишаната двојна наплата, според пријавата, биле оштетени меѓу 3.000 и 4.000 пациенти.

Клековски истакна дека акцијата на МВР следува по повеќе од една година истрага во која биле вклучени и Секторот за контрола на ФЗОМ, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Агенцијата за лекови и други установи од здравството.