Денеска во Министерството за одбрана беа потпишани договори за вработување со професионални војници кои навршуваат 45 години возраст, како цивилни лица во Министерството чиј статус ќе се трансформира во цивилни лица во македонската Армија, се вели во соопштението од министерството.
Оттаму истакнуваат дека војниците кои денеска ги потпишаа договорите за вработување на неопределено време, претходно планираа да заминат со финансиски надомест (испратнина). Наместо да ја напуштат службата, тие по 45-тата година ќе продолжат да работат како цивилни лица сè до нивното пензионирање.
Оваа суштинска реформа која е резултат на заедничката работа со претставниците на синдикалните здруженија и со Генералштабот, по повеќе децении става крај на неизвесноста и на професионалните војници им отвора нова, дополнителна можност — трансформација на работниот статус од определено на неопределено време.
Притоа, досегашните законски опции, како испратнината во висина од две просечни плати во државата за секоја помината година во Армијата, како и префрлањето во органите на државната и локалната власт, и натаму остануваат во сила за оние кои тоа ќе го изберат, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана.


