Граѓани кои оперирале очи во една од приватните болници плаќале за оперцијата, иако за истата на болницата ѝ плаќал и Фондот за здравствено осигурување(ФЗОМ) и на тој начин противправно стекнала околу четири милиони евра. Покрај масовната двојна наплата, болницата правела и други прекршоци но никогаш не била казнета, објави министерот за здравство Сашо Клековски, откако Одделот за организиран криминал утрово претресе повеќе од 10 локации во Скопје, Тетово и во Куманово во рамки на акцијата.
„Станува збор за повеќе видови прекршоци, една од најмасовните е двојна наплата на пациентите односно земени се пари од Фондот за одредена услуга за која има договор и таа услуга под различни изговори е наплаќана и од пациентите“, изјави Клековски.
Инволвирани се поранешни и сегашни вработени во Фондот и раководни лица во приватната болница. Официјални информации од МВР засега нема, но повеќе медиуми јавуваат дека првопријавен е Ден Дончев, генерален директор на ФЗОМ од 2017 до 2020 година. Меѓу пријавените се и Р.А, поранешен претседател на Управниот одбор на ФЗО, В.Ќ, поранешна управителка на болницата, С.Б, поранешен сопственик и овластено лице во болницата, С.А, сегашна управителка, Г.А, поранешна директорка на болницата, Ц.С, поранешен раководител на Сектор за контрола во ФЗО, Ж.С, поранешна директорка на ФЗО – подрачна единица Скопје и И.П,сегашна раководителка на подрачната единица на Фондот во Скопје.
Сомнежите се однесуваат на повеќе кривични дела, меѓу кои злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, измама и перење пари.
Според неофицијални информации, штетата за Буџетот од шемата на оваа приватна здравствена установа е над 1,5 милиони евра, а оштетени се и повеќе пациенти.
Клековски рече дека акцијата на МВР следува по повеќе од една година истрага во која биле вклучени и Секторот за контрола на ФЗОМ, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Агенцијата за лекови и други установи од здравството.
Од МВР официјално информираа дека полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со надлежен јавен обвинител од ОЈО ГОКК, вршат претреси на повеќе локации низ државата во рамки на истрага за финансиски злоупотреби во дел од здравствениот сектор. Од Министерството најавија дополнители информации откако целосно ќе заврши акцијата.


