Амбасадата на Русија во Македонија „решително ги отфрла неоснованите обвинувања против Русија за ширење пропагандни материјали, кои, како што се тврди во соопштението на Агенцијата за национална безбедност, имале за цел да „се поткопува довербата во институциите“ и „се поттикнува етничка и национална омраза и нетрпеливост“.
Во Амбасадата со изненадување се запознале со соопштението на Агенцијата за национална безбедност на Република Северна Македонија од 1 октомври оваа година во врска со откривање во земјата на „пропагандна мрежа која е во функција на руските интереси, се вели во соопштението.
Имајќи ја предвид сериозноста на обвинувањата содржани во официјалната информација на органот на извршната власт на земјата домаќин, Амбасадата без одлагање се обрати до Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија со барање да се организира средба на Амбасадорот на Русиjа со раководството на МНР и АНБ, со цел да се добијат разјаснувања во врска со суштината на прашањето.
За жал, додаваат оттаму, до денес не само што не е одржана средбата, туку не е добиен ниту одговор на соодветната нота на Амбасадата.
Обидите за префрлање на одговорноста врз Русија за проблемите што постојат во односите меѓу Северна Македонија и некои од нејзините потенцијални партнери од ЕУ претставуваат неуспешен обид да се одвлече вниманието на македонската јавност од вистинските причини за она што се случува, се наведува во соопштението од руската амбасада.


