Мања Грчиќ поднесе оставка до Управниот одбор од функцијата генерален директор на Радио-телевизија Србија (РТС).
Пред да ја поднесе оставката, таа ја разрешила Бојана Млаѓеновиќ од функцијата главен и одговорен уредник на информативната програма и предложила на тоа место да дојде Боривое Ускоковиќ, пренесува порталот на РТС.
„Одлуката ја донесов по внимателно разгледување на околностите во кои моментално функционира јавниот сервис, сметајќи дека е во интерес на институцијата да се овозможи продолжување на нејзината работа“, навела Мања Грчиќ во образложението на оставката.
Повеќе од 70 насто од вработените за нов генерален директор го предложиле Јован Мемедовиќ, Милица Јањиќ за директорка на маркетингот, а Лидија Георгиев за главен уредник на информативната програма на РТС.
Оставката на Мања Грчиќ следуваше откако кандидатите на Студентската листа и дел од вработените во РТС побараа таа, како и другите членови на раководството и уредниците на информативната програма, да поднесат оставки.
За време на антивладините протести поради загинувањето на 16 лица при уривањето на настрешницата во Нови Сад, студентите и демонстрантите неколкупати ја блокираа зградата на РТС, барајќи објективно и непристрасно известување од јавниот медиумски сервис.
Раководството на РТС и дел од вработените ја оценија студентската блокада на медиумската куќа како притисок и напад. Други вработени, пак, ги поддржаа студентите и изразија несогласување со начинот на кој се раководи РТС, како и со известувањето во информативните емисии.


