„Зелен Оскар“ и донесе „Приказната за Силјан“ на Тамара Котеска

Објавено:

Македонската режисерка Тамара Котевска ја доби наградата за режија и продукција „Producer/Director Panda Award“ на Wildscreen Panda Awards 2026 во Велика Британија за документарниот филм „Приказната за Силјан“ (The Tale of Silyan).

Признанието е дел од наградите познати како „Зелени Оскари“, посветени на документарните остварувања за природата, животната средина и врската меѓу човекот и светот што го опкружува.

Со наградата за филмот реализиран за National Geographic Documentary Films, Котевска станува првата добитничка од Македонија и регионот. Меѓу претходните добитници на признанија на Wildscreen се Дејвид Атенборо и Пипа Ерлих, режисерката на оскаровскиот документарец „My Octopus Teacher“.

„Приказната за Силјан“ веќе има номинации за наградите „Еми“, британските документарни награди „Гриерсон“ и Jackson Wild Media Awards.

Односот меѓу човекот и природата е во средиштето и на ова остварување на Котевска, по „Медена земја“, што го режираше заедно со Љубомир Стефанов. Документарецот за пчеларката Атиџе Хусеиновиќ доби две номинации за Оскар и ѝ донесе светска препознатливост на македонската документаристика.

Со ова признание, „Приказната за Силјан“ им се придружува на „Мајка“ и „Диџеј Ахмет“, уште две македонски филмски остварувања што деновиве добија награди.

На регионалните „Адриатик филм и ТВ авордс“ во Тиват, Нуми Рапас беше прогласена за најдобра главна актерка за улогата во „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, а Ариф Јакуп ја освои наградата за ѕвезда во подем за „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски.

Успехот во Тиват следува по двете признанија за „Диџеј Ахмет“ на „Санденс“ во 2025 година, наградата од публиката и специјалната награда на жирито за креативна визија.