Се интензивира вакцинацијата против грип, обезбедени 86 илјади вакцини

Објавено:

Вакцини против грип има доволно за сите пријавени, затоа ги молам граѓаните за трпение, секој ќе биде повикан на термин, изјави министерот за здравство, Сашо Клековски.

„Сезоната на грип е најизразена во јануари и февруари. Вакцинацијата спроведена до првата недела од јануари обезбедува навремена заштита. Словенија и Хрватска ќе започнат со вакцинација во ноември – и тоа не е доцна“, истакна Клековски.

Тој информира дека деновиве тимови на здравствените домови вакцинираат во домови за стари лица, а од следната недела и во центрите за дијализа.

Според Министерството за здравство, од почетокот на кампањата на 14 октомври, досега се пријавени вкупно 66.821 граѓанин. Најголем дел од пријавените се лица над 65 години, а следат хроничните болни.

Досега, според соопштението, се закажани 6.710 термини, а вакцинирани се 3.266 граѓани – во последните три работни дена по околу илјада лица дневно.

„Реализацијата на термините што веќе поминале изнесува 86,7%, а 503 граѓани (13,3%) не се појавиле на закажаниот термин. Ги повикуваме граѓаните што не можат да дојдат навреме да го откажат терминот, за тој да се додели на друг пријавен“, се вели во соопштението на министерството.

Оттаму информираат дека денеска е склучен договор за дополнителни 26.000 вакцини од производителот Санофи, кои ќе пристигнат до 15 ноември, или досега вкупно 56.000 вакцини, а најавени се уште 30.000 вакцини до крајот на ноември.

„Со тоа ќе бидат обезбедени вкупно 86.000 вакцини – најмногу досега, и околу 20.000 повеќе од бројот на моментално пријавени граѓани“, соопшти Министерството за здравство.