Нападнат полицаец пред амбасадата на Израел во Белград, напаѓачот убиен

Објавено:

Припадник на Жандармеријата синоќа пред Амбасадата на Израел во Белград бил нападнат со нож од малолетник од Шабац. Полицискиот службеник го усмрти напаѓачот во самоодбрана.

По нападот, кој се третира како терористички чин, низ цела Србија е прогласено највисоко, „црвено“ ниво на готовност.

Според Министерството за внатрешни работи на Србија, малолетникот извикал „Алаху Акбар“ и со два ножа тргнал кон полицискиот службеник.

Припадникот на Жандармеријата го усмртил напаѓачот во самоодбрана, при што и самиот добил исеченица на лицето.

Прогласувањето на „црвено“ ниво на терористичка закана подразбира зголемено присуство на вооружени полициски патроли на улиците. Полициски службеници со целосна опрема обезбедуваат локации со голема фреквенција на луѓе, како што се трговски центри, железнички и автобуски станици, како и аеродроми.

Исто така, засилено е обезбедувањето на дипломатските претставништва, а на клучните локации низ земјата се спроведуваат построги контроли и претреси.

Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, изнесе детали за инцидентот и потврди дека напаѓачот им бил познат на безбедносните служби.

„Еден малолетник, за кого претпоставуваме дека е од Шабац, нападна припадник на Жандармеријата со два ножа, извикувајќи ’Алаху Акбар‘. Тој е поддржувач на ’Исламска држава‘. Нашата служба го следеше. На својот профил на Инстаграм имаше објавено црно знаме и симболи на таа организација“, додаде Дачиќ.

Министерот Дачиќ и директорот на полицијата, генерал Драган Васиљевиќ, го посетија повредениот полицаец во болница. Неговата состојба е добра и се очекува денеска да биде пуштен на домашно лекување.

Истрагата за сите околности на нападот е во тек, а полициските сили остануваат во состојба на висока готовност.