Носителот на листата „Единствена Србија“, Александар Вучиќ, изјави дека новата Влада на Србија, која ќе ја формира Студентската листа, ќе биде „очигледно антисрпска“ и дека како таква е единственото решение за Студентската листа е да „остане и да преживее во иднина“, јави „Еуроњуз“.
Вучиќ во интервју за телевизија Информер зборуваше за политичките случувања во земјата, идната влада и контактите со европските лидери.
„Бидејќи повеќе нема разговор за патриотизам и нема патриотски жар, како што забележавте, сите наивни луѓе кои ги носеа знамињата „без предавање“ и зборуваа за „големи национални соништа“ наскоро ќе сфатат дека сме биле во право и дека зборуваме за буквално гола антисрпска влада која не само што ќе признае дека сме геноцидна нација и ќе откаже сè што направивме во Генералното собрание на Обединетите нации, туку и ќе воведе санкции кон Русија“, изјави Вучиќ за телевизијата Информер.
Тоа е истата телевизија за која денеска повеќе граѓански организации и медиумски здруженија во Србија поднесоа до Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) иницијатива за одземање на нејзината лиценца за емитување, откако претходно демонстранти и упаднаа во телевизијата барајќи одговорност за уредувачката политика наклонета кон поранешната влада на Србија.
Вучиќ рече дека има и информации за тоа кој ќе биде новиот министер за надворешни работи.
„Веќе ја добив таа информација, бидејќи не е одредена од никакви пленуми, пленумите се проточни котли, таа пристигнува од страна, а веќе сум информиран кој ќе биде, па ќе ви биде јасно каква политика ќе водат“, рече Вучиќ.
Вучиќ тврди дека во изминатите два дена разговарал со Емануел Макрон, Џорџа Мелони и Антонио Кошта, како и со унгарскиот премиер Виктор Орбан. Најави дека наскоро ќе се сретне со Орбан во Белград, а разговорот со претседателот на Европскиот совет го издвоил како посветен на европскиот пат на Србија.
„Разговарав денеска и вчера, и главно тие ме повикуваа мене како пријател. Од Виктор Орбан, Емануел Макрон, Џорџа Мелони, Антонио Кошта, па сè до многу други луѓе. Разговаравме за различни теми, но пред сè тоа беа пријателски разговори“, кажа Вучиќ.
Тој најави дека во наредните денови би можел да се сретне со Орбан во Белград, при што употреби формулација за заедничка борба, без да прецизира на што конкретно се однесува.
„Со Виктор Орбан верувам дека ќе се видам во наредните денови во Белград, бидејќи заедно ќе се бориме. И ќе видите, релативно брзо ќе успееме во тоа“, рече Вучиќ.
Тој најави и голема реорганизација на неговата Српска напредна странка(СНС) по што очекува за две години повторно да се врати на власт.
Во Србија во тек се политички промени по предвремените парламентарни избори на 25 октомври, на кои Студентската листа го симна Вучиќ од власт. Вниманието сега е насочено кон формирање нова влада на Србија и кон односите кон европските држави.
Исходот за Студентската листа според првичните проценки објавени во изборната ноќ во Србија, се околу половина милион гласови повеќе и убедливо парламентарно мнозинство.
Вучиќ го призна поразот, соопштувајќи дека студентското движење освоило околу 2,2 милиони гласови, наспроти приближно 1,7 милиони колку што освои СНС.
Станува збор за заокружени бројки што ги изнесе Вучиќ, додека конечните официјални резултати сè уште се очекуваат.
На предвремените парламентарни избори во Србија, околу 6,4 милиони избирачи избираа пратеници во 250-членото Народно собрание.


