Владата ќе формира Национален комитет за заштита на новинарите, за што одлуката е донесена на денешната владина седница, информира Марија Митева, портпаролка на Владата, на прес-конференција попладнево.
„Станува збор за значајна институционална одлука со која се воспоставува организиран механизам за координација меѓу надлежните институции и медиумските организации, чија основна цел е унапредување на безбедноста на новинарите, превенција од закани и напади и создавање услови за слободно и непречено извршување на новинарската професија. Сакаме ова прашање да добие континуиран институционален третман, со јасни обврски но и со конкретни механизми за постапување. Безбедноста на новинарите не смее да биде тема само доколку се случи некој инцидент. Напротив, безбедноста е наша обврска, обврска на институциите да дејствуваат навремено, да ги препознаваат ризиците и да обезбедат соодветна заштита“, рече Митева.
Како што образложи таа, Националниот комитет ќе има задача да ја следи состојбата со безбедноста со новинарите, да ја унапредува соработката меѓу институциите и меѓу медиумската заедница и да изработи Национален акциски план за заштита и безбедност на новинарите најдоцна до 15 декември.
Планот, според Владата, ќе се темели на четири суштински области: превенција (медиумски плурализам, институционална поддршка, дијалог со медиумите); заштита (каде е предвидено развивање механизми за итна реакција, полициска и правна поддршка и заштита од закани во дигиталниот простор); ефикасното постапување во случаи на закани и напади кон новинарите (соработка со надлежни органи за спроведување на навремени истраги и соодветно санкционирање). Четвртиот сегмент би бил едукација и подигнување на јавната свест за значењето на новинарската професија, кажа Митева.
Во Националниот комитет би учествувале претставници на министерствата за внатрешни работи, за правда и за дигитална трансформација, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Академијата за судии и јавни обвинители, Македонската радио-телевизија и Здружението на новинарите на Македонија.
Митева најави и национална примена на кампања насловена „Новинарите се важни“, кампања на Советот на Европа, со што оваа активност ќе се поврзе со пошироките европски напори за унапредување на слободата на медиумите и безбедноста на медиуските работници.
Портпаролката на Владата се осврна и на односот меѓу власта и медиумите и кажа дека институциите имаат право да одговорат на критиките и да ги оспорат информациите што ги сметаат за неточни, но тоа мора да го прават со аргументи и факти, а не со притисоци.
„Власта има право да одговори на критика, да ги образложи своите политики, но и аргументирано да ги оспори информациите кои што ги смета за неточни. Но таа одговорност мора да ја остварува секогаш со факти, транспарентност и институционална комуникација, никогаш со притисоци врз оние кои што поставуваат прашања“, рече Митева.
Според евиденцијата на Здружението на новинарите на Македонија, лани се регистрирани пет случаи на повреда на правата на новинарите и уште четири од почетокот на 2026 година до сега. Станува збор за вербални напади, закани по живот, онлајн напади, уништување на имот и физички напад.


