Полицијата во северна Германија отворила оган врз автомобил кој се забил во група луѓе, изјави портпаролката на полицијата.
Четири или пет лица се повредени, од кои некои потешко. Никој не е во животна опасност, а повредените се пренесени во болница, изјави портпаролката.
Инцидентот се случил доцна синоќа во гратче во близина на Хановер, во германската сојузна покраина Долна Саксонија.
Околностите на настанот сè уште не се разјаснети. Осомничените, чиј број исто така засега не е познат, побегнале пеш, оставајќи го автомобилот, а полицијата сè уште не ги пронашла, изјави портпаролката.
Агенцијата ДПА извести за неколку оштетени автомобили со дупнати гуми, искршени задни стакла и дупки од куршуми.
Првичните наоди од истрагата укажуваат дека инволвираните лица се познавале меѓусебно. Осомничените очигледно намерно ја нападнале групата, а не случајно ја избрале за цел, изјави портпаролката.
Полициските службеници кои во близина вршеле рутинска сообраќајна контрола реагирале на инцидентот непосредно пред полноќ и пукале кон возилото во обид да го запрат, соопшти портпаролката.
Во полициската акција учествувале бројни полициски службеници и хеликоптер.


