Бројот на потврдени случаи на зараза со ебола во Демократска Република Конго надмина 10.000, покажуваат владините податоци објавени денеска, додека расте стравувањето дека епидемијата би можела да се прошири и во други африкански земји.
Според најновиот извештај на конгоанскиот Институт за јавно здравје, бројот на заразени изнесува 10.060, а бројот на починати од вирусот достигна 4.887.
Епидемијата, предизвикана од редок сој на вирусот ебола, познат како Бундибуџо, беше прогласена во средината на мај и оттогаш прерасна во најголемата и најсмртоносната епидемија во Конго, надминувајќи ја епидемијата во периодот од 2018 до 2020 година.
Станува збор и за втората најголема и најсмртоносна епидемија на ебола досега. Посериозна беше единствено епидемијата во Западна Африка од 2014 до 2016 година, кога беа заразени 28.600 луѓе, а повеќе од 11.000 починаа во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне.
Кенија претходно овој месец го регистрираше првиот случај на зараза, а потоа соопшти дека вкупно девет лица се заразени, откако во Најроби почина маж кој преку Уганда пристигнал од Конго.
Нигерија минатата недела стана четвртата африканска земја во која е регистриран случај на зараза со ебола.


