Еболата се шири низ Африка- прв случај во Нигерија

Објавено:

Нигериската влада соопшти дека во главниот град Абуџа е регистриран случај на ебола, откако лабораториските тестови потврдиле инфекција со вирусот. Министерот за здравство Мухамад Али Пате за јавната телевизија изјави дека пациентката допатувала од Уганда, во Источна Африка.

Министерството за здравство на Уганда соопшти дека пациентката службено патувала во источниот дел на Демократска Република Конго и дека на почетокот на октомври поминала низ Уганда без симптоми. Симптомите се појавиле по нејзиното пристигнување во Нигерија.

Ова не е прв случај на ебола во историјата на Нигерија. Земјата веќе се соочи со епидемија во 2014 година, кога вирусот беше внесен од Либерија, за време на големата епидемија во Западна Африка.

Сепак, актуелниот е првиот потврден случај на ебола од сојот Бундибуџо во Нигерија, според Светската здравствена организација (СЗО).

Епидемијата на ебола во Демократска Република Конго беше прогласена во средината на мај и оттогаш прерасна во втората најголема епидемија на ебола во светот досега, предизвикана од реткиот сој Бундибуџо.

Кенија овој месец пријави девет случаи на ебола, сите поврзани со лице кое патувало од Конго.

Водечката африканска агенција за јавно здравје почна да мобилизира поддршка за Нигерија, изјави нејзиниот директор Жан Касеја.

„Оваа епидемија на ебола предизвикана од сојот Бундибуџо веќе стана географски најраспространетата во историјата, зафаќајќи земји во три различни региони на Африка“, напиша Касеја во објава на платформата Икс.